ОСМАНИ: Тачи одново го отвора прашањето на статусот на Косово и сам преговара

110

Пратеничката на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и претседател на Комисијата за надворешни работи во Собранието на Косово, Вјоса Османи, вели дека претседателот Хашим Тачи дава знаци дека одново го отвора прашањето на статусот на Косово во финалната фаза на преговорите со Србија.

Во интервју за денешниот број на „Зери“, Османи вели дека Тачи еднострано и без поддршка од Собранието го презел водењето на дијалогот со Србија, што е неприфатливо за нејзината партија.

– ЛДК има јасно дадено до знаење дека не го поддржува Тачи за главен преговарач и неговите изјави дека не прифаќа црвени линии, ниту пак упатствени принципи за преговорите, се многу опасни. Фактички, Тачи, без да добие мандат од никого, дава знаци дека го отвора од почеток прашањето на статусот на Косово, изјави Османи.

Таа нагласува дека промената на границите е неприфатлива, бидејќи ќе го дестабилизира регионот, додека евентуалната автономија за косовскиот север би завршила со поделба на земјата.