Пари за млади земјоделци има, ама нив ги има сѐ помалку

20

Владата најави дупло повеќе пари за младите земјоделци со цел да ги задржи во родните краеви. Упатените велат дека мерките се задоцнети, оти трендот на иселување продолжува. Дел од стручната јавност не е убедена дека еднократна парична помош во овој сектор може да ги задржи младите дома

Со неповратна финансиска поддршка од 20.000 евра, власта планира да ги мотивира младите земјоделци да останат во родниот крај. Мерката не е непозната, само што годинава нејзиниот износ се зголеми дупло од 10 000 на 20000 евра. Директно засегнатите велат дека е добро што се вложува во развој на земјоделието, но не се убедени дека тоа ќе ги задржи младите дома, оти повеќето земјоделски краишта континуирано се празнат.

Гоце Сарафинов од Штипско два пати досега ја пријавил својата ќерка за финансиска помош за млади земјоделци, но ќерката била одбиена. Сарафинов вели дека паричната помош не е ни малку, ни многу, но се сомнева како се прави селекцијата на апликантите.

„Парите не се ни многу ни малку. За млад земјоделец кој почнува од нула, добро е. Ама да биде барем сите што ќе се пријават и ќе ги исполнат условите, да може да добијат помош. Претходните години возрасната граница не беше услов, па така знам и случаи кај мене во Штипско и шеесетгодишна жена да прима финансиска помош за млад земјоделец, што е смешно“, вели Сарафинов.

Сарафинов објаснува дека една од причините поради која барањето за помош за неговата ќерка лани било одбиено е тоа што нејзината фирма била регистрирана десет дена повеќе од законски предвидениот рок од 18 месеци.

Но, од Министерството за земјоделство посочуваат дека овој критериум е стопроцентно усогласен со европското законодавство. Оттаму додаваат дека зголемената финансиска помош од 20 000 евра ќе значи и построги критериуми. Дел од нив ќе се однесуваат на поседување поголема земјоделска површина и инвестиции само во преработувачката индустрија.

Од Сојузот на земјоделци ја поздравуваат оваа мерка иако додаваат дека станува пракса власта пред секој изборен циклус да промовира мерки со кои се демонстрира поголема грижа кон нив.

„Оваа иницијатива е добра доколку се оствари, но сметам дека низ нашиве села нема многу млади земјоделци. Сите заминаа надвор. Мојот имот е во општина Новаци. Не можете да најдете ниту едно дете кое ќе дојде да работи за добра дневница“, вели претседателот на СЗМ, Вељо Тантаров.