Пахор: Македонија да биде следна членка на НАТО и да почне преговори со ЕУ

21
Collage_Zaev_Pahor

Словенија внимателно ја следи и ја одобрува добрососедската и регионалната политика на Република Македонија како еден од условите за членството во ЕУ и НАТО и останува нејзин силен поддржувач во овие процеси, рече претседателот на Република Словенија Борут Пахор на средбата со премиерот Зоран Заев.

Како што информира македонската владина прес-служба, Пахор искрено се надева дека многу брзо Македонија ќе биде следната членка на НАТО и дека со ЕУ наскоро ќе биде постигнат договор за старт на пристапните преговори.

Премиерот Заев истакна дека владината коалиција во Република Македонија по локалните избори, чии резултати ја потврдија поддршката за актуелните политики, сега има обврска коку што е можно побргу и посолидно да ги продолжи почнатите реформски процеси.

– Настојуваме пред нашиот Парламент да настапиме со издржани и важни реформски закони во многу области за кои очекуваме и ќе стимулираме широка поддршка од политичките сили внатре во парламентот. Наша определба е и да ја зајакнеме улогата на парламентот после политичката криза и да ја вратиме довербата во институциите, нагласи Заев.

И во однос на евроатлантските аспирации информира дека се работи и се подготвуваат услови за политички консензус.

Заев на средбата му честиташе на Пахор за реизборот и му пренесе честитки од името на македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Претседателот на Владата имаше средба и со претседателот на словенечкиот Државен збор Милан Брглез. Го информира за најважните актуелни процеси во Република Македонија и нагласи дека охрабрувањата што нашата земја ги доби за време на оваа посета, се знак дека е избран вистинскиот пат и начин за решавање на суштинските прашања од интерес на граѓаните на Република Македонија.

Претседателот на Државниот збор истакна дека неговата земја е секогаш подготвена на соработка и на проширување на односите и ја понуди целосната помош и поддршка во евроатлантските аспирации на нашата земја, особено во процесот на парламентарната соработка на земјите од југоисточна Европа.

Во разговорот, Заев ги пренесе поздравите од претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери и подготвеноста на македонскиот Парламент да ја продолжи соработката со Државниот збор на Словенија.

Со двете средби Заев беше придружуван од заменикот претседателот на владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ључо Николовски, министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми, и државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски.

Со средбите со претседателот на  Словенија Борут Пахор и со претседателот на словенечкиот Државен збор, заврши дводневната официјална посета на владината делегација на Република Македонија предводена од премиерот Заев.