Пендаровски од Макрон директно ќе ги слушне француските ставови за проширувањето

262

Претседателот Стево Пендаровски идната недела ќе се сретне со неговиот француски колега Емануел Макрон, и ќе има можност директно од шефот на француската држава да ги слушне ставовите на Франција за проширувањето и за новата методологија на преговарање.

Средбата меѓу Пендаровски и Макрон, како што потврдија од Кабинетот на претседателот, ќе се одржи на 12 ноември, кога Пендаровски ќе учествува на Парискиот мировен форум.

Пендаровски завчера рече дека во наредниот перод треба да добиеме посилен сигнал дали наскоро ќе може да се измени крајно неповолниот исход на последниот европски самит, пред сè Франција, која беше против почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија.

Париз инсистира на претходни внатрешни реформи во ЕУ и промена на методологијата за прием на нови земји членки.

По шокот со француската блокада за почеток на преговорите за членство во ЕУ со Македонија и Албанија, институтите и тинк-тенк организациите во Брисел сѐ уште ги анализираат причините и последиците од неочекуваното вето на францускиот претседател Емануел Макрон.

Но, за едно се согласни сите, одлуката на Макрон „во ниту еден случај не е поврзана со Северна Македонија и Албанија, ниту со Западниот Балкан како регион”, вели во разговор за МИА Роза Балфур, аналитичарка во Германскиот Маршалов Фонд (ГМФ) и експертка за политиката на проширување и институционалните прашања.

Заменик-претседателката на францускиот Сенат и членка на Комисијата за надворешни работи, одбрана и вооружени сили, која е во дводневна посета на земјава, во интервју за МИА рече дека пораката на Франција не треба да биде сфатена како негативна активност кон Македонија.