Пратеничките плати и патни трошоци најбарани информации од јавен карактер

121
Sobranie

Патните трошоци на пратениците, нивните плати и надоместоци, јавните набавки, деловнички работи, извештаи од комисии и од работата на Парламентот, се најбараните информации од јавен карактер во Собранието на Република Македонија. Баратели се најчесто новинари, невладини и граѓански организации.

За овие два месеци од 2018 година до Собранието има поднесено педесетина барања за информации од јавен карактер, но најмногу вакви барања  биле поднесени во 2017 година и тоа 683. Најголем број од нив се од граѓанската асоцијација МОСТ околу 500, која работи на проектот „Мобилен парламент“. Останатите се од други НВО и новинари. Во 2016 биле поднесени 110 барања, додека во 2015 нивниот број изнесувал 123.

Најчести се барања за информации за патните трошоци на пратениците, нивните плати и надоместоци, јавните набавки, деловнички работи и процедурални документи. Барањата за трошоците и платите и надоместоците понекогаш се однесуваат за сите 120 пратеници, но имало и барања поединечно само за одредени пратеници, како за сегашниот така и за минатиот парламентарен состав, но никогаш немало барања само за една политичка група.   

Од собраниските служби информираат дека од 2006 односно 2007-2008 година наваму од кога се одговара на ваквите барања, на прсти можат да се набројат барањата за информации од јавен карактер што со решение биле одбиени. Иако малку на број, причините за тоа не ги наведуваат. Информациите се издаваат во законскиот рок од 30 дена. Граѓаните или заинтересираните барањето за пристап до информации од јавен карактер до Собранието го доставуваат или екектронски или писмено до нивната архивата, а бараните информации ги добиваат во законскиот рок, во зависност од тоа како сака да го добие, тврдат од Собранието. Можно е доколку станува збор за пообемни информации тоа да биде и на ЦД.

Искуства на новинарите и граѓанските организации: Навремени, но понекогаш делумни одговори   

Кристина Озимец, новинарка во Макфакс и дел од Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА изјави дека за актуелната тема за патни трошоци од Собранието на која скоро работеле, иако ги добиле бројките за сите исплати на патни трошоци за сите пратеници за 2017-та година, сепак не добиле увид во копиите од патните налози кои ги побарале.

– Значи нашето барање иако навреме, беше само делумно одговорено, посочува во изјава за МИА Озимец.

Таа и нејзините колеги новинари за потребите на нивните стории, наведува таа, секојдневно како новинари испраќаат барања за слободен пристап до информации до институциите.

– Иако голем дел од нив одговараат навремено на нашите барања, сепак често се случува доцнење со одговорите по законскиот рок од 30 дена, а понекогаш институциите ни доставуваат само делумно одговорени барања, со што не ни ги даваат сите информации кои ги бараме, вели Озимец. 

Граѓанската асоцијација МОСТ од 1 јули 2016 го спроведува проектот „Вклучени граѓани за отворено и транспарентно Собрание“, и тие, според податоците од Парламентот лани имале најмногу барања до нив за информации од јавен карактер.

Златко Димитриоски од граѓанската асоцијација МОСТ информира дека во согласност со методологијата на проектот, до Собранието се испраќаат барања за слободен пристап до информации од јавен карактер кои се однесуваат на усвоените записници и извештаи од седниците на комисиите, како и записниците и извештаите од одржаните јавни и надзорни расправи.

– Имајќи предвид дека во барањата точно е наведена информацијата која ја бараме, како и периодот за кој истата ја бараме, Собранието комплетно одговара на доставените барања. Одговорите на барањата во целиот период на спроведување на проектот се доставуваат во рамките на законскиот рок од 30 дена, изјави Димитроски.

Во овој период МОСТ доставува барања за информации од јавен карактер само до Собранието, додека во минатото вакви барања доставувале и до институциите поврзани со изборите како ДИК, ДЗР, Врховниот и Управниот суд, како и до сите општини во државата.

– Може да се каже дека постапувањето на институциите било различно (разлики имало и во рамките на постапувањето на една институција), а дел од општините, на пример, воопшто не доставувале или доставувале само делумни одговори на барањата, вели Димитриоски.

Смета дека за побрзо и поефикасно добивање на информации, е да се скрати рокот барем на 15 дена, зашто сегашниот рок придонесува информациите да не бидат навремени.

– Фактот што е потребен и одреден период за нивна обработка придонесува од случувањето на настанот (седница или јавна расправа) да поминат неколку месеци, што дополнително влијае на нивната релевантност, а го одложува и влијанието кое анализите кои се прават врз основа на информациите треба да го постигнат, имајќи го предвид времето што поминува од одреден настан до објавувањето на анализата на тој настан.

Другиот предлог за кој се залага МОСТ, а кој делумно почна да се имплементира, е да се зголеми обемот на информации кои тековно се објавуваат на веб-страниците на институциите, со цел сите заинтересирани да имаат пристап до нив во секое време и да не мора да испраќаат посебни барања за слободен пристап.

– Тоа исто така ќе им ја олесни и работата на одговорните лица во овие институции за ова прашање, вели Димитриоски од МОСТ.

(Mia.mk)