ПРИКАЗНАТА НА ЧИЧКО ФИКРИ: И цел Стамбол да е твој, срцето пак ти е во делчевското Маџир Маало

139

Цел Стамбол твој да е, пак, ти е срцето овде, во Маџир Маало во моето Делчево. Тоа се спомени од едно детство, од една младост, спомени кои се длабоко врежани во душата, за едно време кое, колку и да било сиромашно, ти ја грее душата, секогаш и секаде, носталгично ја започнува својата животна приказна на чист делчевски дијалект познатиот делчевски Турчин, 75-годишниот Фикрија Бора кој сега со семејството живее во Истанбул.

Тој и за новогодишните празници се врати од Истанбул, во родното место, за да ги посети другарите и маалото каде го поминал детството.

– Јас сум роден во оваа куќа, а мајка ми починала кога сум имал шест месеци, во 1943 година, па ме посвоиле во оваа куќа. Тука живеев 17 години, па 60-та година заминав во Турција. Од Турција потоа отидов во Германија и таму живеев 35 години. Но, срцето ми е овде во Маџир Маало. Ако е здравје и живот јас пак, тука ќе си се врна, раскажува Фикри.

Останале многу малку стари турски куќи во Маалото на Фикри, дел се урнати, дел заменети со нови. Но, споменот на едно време се чува и кај Фикри, но и кај делчевските пријатели кои им оставиле во аманет на своите потомци, почит за Фикри. Па, кога Фикри доаѓа во Делчево, редовно ги посетува старите пријатели, а бидејќи малку од нив се денес живи, него со радост го дочекуваат нивните потомци.

– Тука се спомените за моите пријатели, чичо Зафорови, Стојан Комитата, Трајче Донев, Догазански. Тие ми се комшии братја, поубаво братсво единство нема. Убаво си поминувавме, се почитувавме. Редовно одев кај Стојан Комитата, неговата сопруга Лозена, ме пречекуваше како свое дете и никогаш не ме делеше од нејзините деца, но многу ми раскажуваше за мојата мајка која никогаш не ја запознав. Сакав сè да слушнам за неа, каква била, што се случило со неа, за мојата мајка носам болка во душата. Еве јас сум веќе во доцни години, но душата ми страда за неа. Денеска, многу се почитуваме со потомците на Стојан Комитата. Нивниот син Благоја кој, исто така е починат, доаѓаше редовно кај мене во Истанбул, а сега неговата сопруга, синот, снаата, редовно ме канат да ги посетам и со радост доаѓам во нивниот дом, вели Фикри.

Десет илјади евра за фотографија од мајка му на Фирки   

Мајка му на Фикри се викала Хава и потекнувала од фамилијата Аимитчушови. Таа починала од тифус во 1943 година. Неговите двајца браќа и две сестри кои биле болни од тифус се излечиле, но мајка му умира на 36 години оставајќи го Фикри кој тогаш имал шест месеци.

– Ми раскажуваа дека кога дошла болеста во куќата, полиција ја чувала и во неа никој не смеел да влезе или излезе од неа. Тогаш мене ме посвојуваат во семејство кое живеело три куќи погоре од нашата. Семејството што ме посвојува имало само една ќерка. Тоа била многу сиромашна фамилија, раскажува Фикри.

Годините поминувале, животот го однесе Фикри од Делчево во Турција, а оттаму во Германија, но љубовта кон мајка му која никогаш не ја запознал била непресушен извор и поттик за неговата потрага по фотографија од мајка му. Така, тој се пуштил во потрага по барем една фотографија од мајка му за која давал и 10.000 евра.

– Многу имав желба, барем да ја видам на фотографија. Па, со помош на еден пријател од Делчево, Трајчо, кој работи во АРМ, ја започнавме потрагата. Прво, побаравме по комшиите, по роднините, но никој немаше фотографија од неа. Потоа почнавме по институциите. Отидовме во матичното во Делчево. Сите документи ги пребаравме. Нејзиното име и презиме стои во документите, но слика нема. Потоа отидовме во архивите во Штип и во Скопје, и таму фотографија не најдовме. Во тоа време не се фотографирале многу, можеби татко ми бил љубоморен, па не и давал да се слика. Не знам, но знам само дека немам фотографија од нејзиниот лик и мојата потрага беше неуспешна, со горчина раскажува Фикри.

Исто така, Фикри давал пари и да ја купи куќата кај што бил роден, но задоцнил со намерата, бидејќи куќата од новите сопственици веќе ја имале урнато.

Од Истанбул до Германија, па пак во Делчево

Првите години во Истанбул за Фикри и неговото семејство биле тешки. Посебно што на патот за Истанбул којшто започнал со возот од Гевгелија, на границата меѓу Грција и Турција починал татко му кој го посвоил Фикри.

– Имав 17 години кога го продадовме имотот во Делчево и заминавме за Турција. Заминаме во 1960 година. По трагедијата со татко ми, беше тешко многу. Десет години живеев од занаетот што го научив во Делчево кај мајсторчето Коле. Во 1964 година купив имот во Истанбул, место од 300 м2. Живеев таму до 1970, а потоа заминав за Германија, каде работев како заварувач и останав во Германија 35 години. Јас, поради сиромаштијата не успеав да завршам училиште, учев само четири години, а во Делчево бев и говедар. Но, многу се трудев, учев занаети, бев упорен и Господ ми даде убаво. Спечалив пари, но душата ми остана овде во Маџир маало, вели Фикри.

Фикри 55 години живеел со првата жена која била по потекло од Дурфулија. Со неа имал две ќерки и еден син и тие со нивните семејства живеат во Истанбул. За него е болно што неговите деца не го знаат македонскиот јазик. Денес има втора жена која е по потекло од Пехчево и тоа му ја подгрева намерата да си купи стан во Делчево.

– Намерата ми е да си купам стан овде. Дел од годината да си живеам во Делчево, со старите пријатели. Јас го сакам Делчево и само убаво им посакувам на сите. Еве сега се христијанските празници и редовно им ги честитам на моите пријатели им посакувам многу ксмет и бериќет. Но имам една болка  што гледам дека Делчево не се развива многу, сакам да го видам ова место многу напреднато. Но, без разлика, јас ќе си ја следам душата, ќе се вратам овде, вели Фикри.

Илјадници Турци го напуштиле Делчево по Втората светска војна

Од Делчево, кое 70 отсто било населено со Турци, во 50-те и 60-те години од минатиот век, како и семејството на Фикри, заминале над 5.000 Турци, а денес со нивните потомци живеат во Истанбул, но најмногу во Борнова, Измир. Овде се испразни стариот дел на Делчево, но и селата кои биле претежно турски, како што се Габрово, Град, Вирче, Тработивиште, Ѕвегор, каде се уште едвај се држат под бремето на годините старите  минарињата од џамиите, како спомен на едно време. Освен Фикри, редовно овие луѓе ги посетуваат родните огништа и со семејствата на Македонците кои им ги купиле имотите, но и со старите пријатели, одржуваат и негуваат длабоки пријателски врски.

Околу 250 илјади македонски Турци се иселиле од Македонија

Трагајќи по историски факти за иселувањето на Турците од Македонија, стигнавме до бројката од 250 илјади македонски Турци кои се иселиле во 50-тите и 60-тте години од минатиот век. Иселувањето на муслиманското население било договорено од тогашните власти, а одредени историчари, оваа политика ја нарекуваат нечесна и крајно нехумана политика со  катастрофални последици, пред сè за Турците, но и за другото муслиманско население и земјата во целина што резултирало со последици на демографски, економски, образовен, социјален и пред сè, на морален план. Историчарот и дипломатот во пензија Салим Ќерими, за оваа миграција напишал: „Прв пат во историјата на Македонија, нејзините најодговорни раководители, спротивно на вековната традиција на негување соживот на овие простори, свесно дозволиле и поттикнале откорнување од своите огништа на неколку стотици илјади нивни лојални сограѓани“.

(Mia.mk)