Промовирана книгата „Европа нашиот заеднички дом“ од Жан Моне

134

„Европа нашиот заеднички дом“ е капитална книга на Жан Моне, таткото на Европа, бидејќи македонскиот сон за Европа потекнува од времето на будењето на европските народи т.н.европска пролет на народите на крајот на 18. век и почетокот на 19. век и Македонија има голем прилог во европската историја.

Ова денеска го истакна ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – Европска филмска, театарска и танцова академија (ЕФТА), Јордан Плевнеш на промоцијата на книгата во Кинотеката на Македонија, по повод 25-годишнината од дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Франција.

– Потсетувањето на минатото всушност ги отвора патиштата на иднината и тоа беше нашиот напор оваа книга во едицијата „Градители на мислата на обединета Европа“ во превод на Лилјана Котевска – Плевнеш да ја објавиме со еден предговор на францускиот амбасадор и да оставиме една мала трага во тие богати односи меѓу Франција и Македонија во минатото, сегашноста и иднината. Книгата ќе ја има во сите книжарници во Македонија, додаде Плевнеш.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кој е и автор на предговорот на изданието, рече дека мошне инспиративна е идејата да се земат текстови од Жан Моне, кој е еден од татковците на Европа.

– Тоа е еден човек кој со голема трпеливост знаеше како да ги убеди луѓето и многу се ангажираше на патот на конструкцијата на Европа. Се што е собрано во оваа книга навистина може да послужи како едно големо искуство, бидејќи треба да се знае дека одењето нанапред во Европа треба да се прави со голема трпеливост и сите тие идеи кои се содржани во книгата всушност треба да се реализираат, посочи Тимоние.

На промоцијата деканот на Факултетот за применета музика, Дарко Мариновски на пијано ја изведе химната на Европа – Ода на радоста, а фрагменти од делото читаше Андреј Серафимовски, актер од класата на проф. Мето Јовановски.