ПРОМОЦИЈА ВО СТРУМИЦА: Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура од Јуруковска

223

Во сабота, 13 јули 2019 година, со почеток во 20:00 часот, во Jazz club „ДЕПО“ во Струмица, ќе се одржи промоција на книгата од областа на медиумите и книжевноста „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ од м-р Александра Јуруковска. Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Александар Прокопиев и Митко Гогов.

Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст -Струмица“ заедно со авторката предвидудуваат во една неформална атмосфера преку интерактивна промоција секој од присутните да може да се вклучи со сопствено видување, како и ангажман во она што претставуваат медиумите во денешно време, наспроти старите форми на издаваштво и нивната дигитализација. Меѓу прашањата кои ќе ја збогатат дискусијате ќе бидат: Дали културата е доволно застапена во медиумскиот простор? Се третира ли доволно современата македонска и светска култура/ книжевност на медиумите кај нас и воопшто како стоиме со глобалните стандарди? Го следи ли книжевноста развојот на технологиите и дали се адаптира на модерните текови? Колку е потребно да се биде дел од литературниот облак (cloud) на информации, се модернизира ли денешниот писател? Каде се медиумите во сето тоа, си ја вршат ли доследно работата?

Да слушнеме за долгогодишното истражување и анализа на овие теми од Александра Јуруковска, за тоа што таа го презентира во нејзината студија „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура “, какво било нејзиното искуство и дали се надградиле нејзините светогледи и општите перформанси на заедницата од денешна перспектива?!

Здружението „Контекст – Струмица“ оваа промоцијата ја реализира во соработка со општина Струмица и издавачката куќа Авант Прес од Скопје.

Александра Јуруковска е родена во 1981 година во Скопје. Работи како новинар во повеќе медиуми (Алфа ТВ, www.cooltura.mk, Студент ФМ, Наша ТВ, Македонско радио-Радио Скопје). Магистрирала на тема за интердисциплинарните односи меѓу литературата и медиумите на Универзитетот„Свети Кирил и методиј“ во Скопје. Пишувала литературна критика за дневниот весник „Дневник“. Нејзини текстови се објавени во сите позначајни македонски списанија за култура и литература. Автор е на книгата со книжевна критика „Ткаење на текстот“ (Силсонс, Скопје, 2014) и на интермедијалната студија „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура (Авант прес, 2018)“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.