РАЧНА ИЗРАБОТКА: Психолог и наставник креираат уникатни парчиња накит

232

Во потрага по уникатни и персонализирани подароци и рачно изработен накит, квалитетни и со прифатливи цени, го запознавме тимот на „Драна изработки“. Двете млади и креативни сестри, Драгана и Надица Павловски од Скопје изработуваат персонализирани бразлетни, привезоци за клучеви или чанти, обетки, држачи за цуцли за најмалите, спомен-рамки кои се доста актуелни и интересни за новороденчиња.

– Изработката на накит почна како хоби, прво да испробаме нешто интересно да направиме заедно со сестра ми за себе. Првата бразлетна ја направивме за неа. Ја фотографиравме и ја објавивме на „Facebook“, без помисла дека ќе има каква било заинтересираност. Моќта на социјалната мрежа си го направи она вистинското. По само неколку часа веќе почнаа нарачките, иако немавме цени, профил на социјалните мрежи, ниту пак доволно материјал или идеја дека би продавале наш рачно изработен накит. Поради зголемената заинтересираност и позитивните реакции што ги добивме од другите одлучивме посериозно да се занимаваме со креација на модни додатоци, ни раскажува Драгана.

Сестрите Павловски се вистински уметници и создаваат креативни парчиња накит. Драгана има 28 години и е дипломиран психолог, а Надица има 34 години и е одделенски наставник. Пресреќни се што први пишуваме за нив и што имаме интерес за нивните изработки. 

– Секоја од нас со својата улога успешно ја завршува работата и затоа опстојуваме како тим на „Драна изработки“. Креирањето и изработката на накит се присутни во нашето семејство веќе цели пет години. Во поголемиот дел од креирањето знае и нашата мајка да ни помогне или пак да сподели идеја околу комбинирање на боите на монистите и сл. На некој начин станува збор за семеен бизнис, истакна Драгана. Ни објасни дека „Драна изработки“ ги содржи првите букви од нивните имиња.

Таа потенцира дека од секогаш сакала да носи нешто уникатно, рачно изработено и по прифатлива цена.

– Голем обожавател сум на „направи сам“ работите. Аксесоарите се дел од моето секојдневие. Каде и да одам сакам да носам некакво парче накит, рече Драгана.

Секое парче накит е приказна за себе

Неостварена желба на тимот „Драна изработки“ е да имаат своја работилница.

– Секое парче накит е приказна за себе бидејки пред се ги задоволуваме желбите и идеите на секој клиент, а со нашите идеи се доаѓа до крајниот резултат. За да се изработи едно парче накит се прави селекција на монистите, привезоците и за отприлика половина час се креира едно парче накит. Инспирација црпам од се што е околу мене иако звучи премногу како клише. Се уште работиме од дома и се надеваме дека во иднина ќе имаме наша работилница каде што секој љубител на нашиот накит ќе има можност да ги погледне нашите изработки, нагласи Драгана.

Во моментов се фокусирани на новите колекции и новите акции кои, како што велат, ќе следат како изненадување годинава.

– Претпознатливи сме по нашите бразлетни и најмногу внимание ќе им посветиме нив, како и до сега. Меѓу нашите изработки не се присутни ланчињата и чокерите кои се доста актуелни меѓу женската популација и затоа оваа година ќе бидат дел од Драна изработки, најавува Драгана.

Драгана и Надица се скромни, одговорни и посветени на работата. Велат дека работата ги исполнува премногу. Делата ги пласираат на нивниот Facebook профил (Drana Izrabotki) и на Instagram профилот (drana_izrabotki). Нивните изработки можат да се погледнат и на промо страната и онлајн базар со многу идеи за подароци www.naj.mk. Досега учествувале на повеќе акции од хуманитарен карактер и секогаш се расположени да придонесат и да помогнат колку што можат.

– Нашата препорака за оние кои сакаат да почнат да се занимаваат со изработка на накит е воопшто да не се двоумат, да ја покажат својата креативна страна и со љубов да ги презентираат своите изработки. Секогаш верувајте во своите способности. Трудот и упорноста секогаш ќе вродат со плод. Всушност и тоа би било нашето мото – Трудот, упорноста и посветеноста на тоа што го работиш секогаш ти носат некакво задоволство и уживање во работата, нагласуваат Драгана и Надица Павловски.

(Mia.mk)