Револтот на пазарџиите не стивнува – во најава нови протести!

281

Иако примената на новиот Закон се одложи за една година, пазарџиите не отстапуваат од своето барање за негово целосно укинување и ја искажаа можноста да ја блокираат работата на зелените пазари низ целата држава.
Вечерва и утре треба да се одржат состаноци меѓу поголем број закупци на тезги, по што не е исклучено да се организира и генерален протест на пазарџиите на ниво на цела држава.

Пазарџиите бараа власта целосно да го укине Законот за трговија на зелените пазари, но таа само го одложи до крајот на оваа година, со ветување дека ќе се формираат работни групи кои ќе бараат решение на проблемите.

Од Владата информираат дека ги слушнале аргументите и барањата на пазарџиите на заедничката средба што ја остварија пред неколку дена и дека постигнале согласност да продолжат консултациите меѓу институциите, пазарџиите и другите засегнати страни.

И од Министерството за економија потврдија дека последната средба завршила со позитивен резултат. Одлуката да се одложи примената на законот за една година е донесена токму со таа цел, преку заеднички преговори во меѓувреме да се изготви подобрено решение на задоволство на сите засегнати страни.

Иако сè уште неофицијално, пазарџиите подготвуваат иницијатива до Уставен суд за да се преиспита уставноста на законот, што беше донесен по скратена постапка и како што велат, без консултација со сите засегнати страни.

Главниот проблем за кој реагираат закупците се дека со новиот Закон се бара да плаќаат лиценци од 60 евра годишно, а за пензионерите беше забрането да закупуваат тезги на зелените пазари.