Решението за името ќе биде поблиску до македонските позиции, сметаат мнозинството Грци

217
grcija

Повеќе од половина испитаници (57.1%) во истражувањето спроведено за грчката телевизија „Action 24“ сметаат дека евентуалното решение на проблемот со името ќе биде поблиску до македонските позиции, а само 26.9 % поблиску до грчките „црвени линии“.

На прашањето: „Решението што ќе се одбере за името на Скопје, сметате дека ќе биде поблиску до она што го бара Грција или до она што го бара Скопје?“, 6 од 10 анкетирани одговараат дека ќе биде во корист на Македонија.

На ова прашање 57.1% одговориле дека ќе биде поблиску до она што го бара Скопје, 26.9% поблиску до она што го бара Атина, а 16% рекле дека не знаат или избегнале да одговорат.

Во истражувањето на јавното мислење, за конкретното прашање, направена е и анализа според политичката ориентација, возраста, полот, местото на живеење, степен на едукација и сл.

Од оние 57.1% што одговориле дека решението ќе биде поблиску до македонските барања, мнозинството, 74.5%, на последните парламентарни избори во септември 2015 гласале за опозициската Нова демократија, а 39.7% за СИРИЗА. Речиси 7 од 10 испитаници што сметаат дека решението ќе биде во прилог на Македонија, се самоопределуваат како десничари или радикални десничари. Во однос на полот, разликата меѓу мажите и жените е само 2.7%, додека пак 64.1% се со високо образование.

На политичката сцена во Грција, според одговорите на Грците вклучени во истражувањето, Нова демократија има двоцифрена предност пред владејачката СИРИЗА, а разликата е 10.2%. Коалициониот партнер во владата, според анкетата останува вон парламентот, а Златна зора е со стабилен рејтинг, како и на останатите анкети. 

Поконкретно за Нова демократија се изјасниле 29.4 отсто од испитаниците, за СИРИЗА 19.2%, за Движење за промена (ПАСОК, Демократска левица, Река) 10.2%, за Златна зора 7.2%, за Комунистичката партија на Грција 6.3%, за Сојуз на централисти 2.7% и за Независни Грци 2.5%.

Доколку во недела се одржат избори, 7 од 10 Грци (73.3%) сметаат дека Нова демократија би била прва, а 18.7% одговориле дека СИРИЗА би победила.

На прашањето кој е посоодветен за премиер на Грција, 40% од анкетираните го одбираат лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, 21.9% Алексис Ципрас, а 36.8% ниту еден од двајцата.

Во телефонското истражување на јавното мислење на агенцијата „Rass“ за грчката телевизија „Action 24“ учествуваа 1002 испитаници од цела Грција, а беше спроведено од 6 до 8 март годинава.