Рочиштето за Грујевски и Бошкоски ќе продолжи на 26 април, зад затворени врати

137

Поради правни прашања, рочиштето по жалбата по одлуката на солунскиот суд за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошкоски во Врховниот суд во Атина, беше прекинато и ќе продолжи на 26 април, повторно зад затворени врати.

Рочиштето започна зад затворени врати, по барање на адвокатите, по неколку минути беше прекинато и продолжи по пауза од половина час. 

Тимот од двајцата грчки адвокати на Грујевски и Бошкоски побара од шестчлениот Совет на судии и обвинителот рочиштето да не биде јавно, а по барањето на претседателката на Советот, тие образложија зошто сакаат судницата да биде испразнета и искористија неколку аргументи.

Рекоа дека станува збор за политички прогон и се обвинети за политички криминал, нешто со што тие како одбрана не се согласуваат, објаснија дека во исказот што ќе го дадат има прашања кои што се доверливи, кои што не се за во јавност, со оглед на тоа дека рочиштата се јавни и никој не знае кој сѐ се наоѓа во судницата. Безбедноста на нивните клиенти беше уште еден од аргументите на адвокатите.

Едниот адвокат, образложи дека исказите што ќе ги дадат се однесуваат на политички случај, со прислушувањата по кои имаше политички пресврт и промена на власта. И потсети дека и во Судот во Солун рочиштето беше зад затворени врати.

Како дополнителен аргумент, еден од адвокатите посочи дека во судницата има и новинари, кои што сакаат да објават што кажале Грујевски и Бошкоски во исказот.

За конкретниот случај не постои никаков интерес во грчките медиуми и единствен новинар во судницата, беше дописникот на МИА од Атина.

Пред да биде донесена конечната одлука дали ќе се прифати или не сослушувањето да биде зад затворени врати, претседателката на Советот на судии им објасни на Грујевски и Бошковски дека нивните адвокати бараат рочиштето да биде затворено и побара согласност од нив. На прашањето дали и тие се согласуваат сослушувањето да се одржи зад затворени врати, двајцата одговорија позитивно.

Веднаш потоа, обвинителот соопшти дека барањето е прифатено и во судницата останаа само Бошковски, Грујевски, полициското обезбедување, преведувачот и двајцата адвокати.

Ваквите рочишта по правило се јавни, а само во одредени случаи се прават исклучоци и се одржуваат зад затворени врати.

По завршувањето на рочиштето, со полициско обезбедување, Грујевски и Бошковски беа повторно вратени во атинскиот затвор „Коридалос“ каде што ќе останат до следното рочиште.

За Грујевски и Бошковски во Грција, се водат три различни и меѓусебно неповрзани процеси.

Едниот е за фалсификуваните пасоши, со кои беа фатени на солунскиот аеродром, судењето по три одложувања, ќе се одржи на 17 мај годинава.

Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември. Сослушувањето пред Комисијата за азил во Солун беше закажано за 15 февруари, но одложено, поради тоа што тие се наоѓаа веќе во Атина.

Третиот е по македонското барање за екстрадицијата, за кој Советот на судии во Солун, на 5 јануари одлучи, Никола Бошковски и Горан Грујевски да бидат екстрадирани во Македонија, а веднаш потоа нивните адвокати поднесоа жалба против одлуката на Судот, за случајот да го разгледа Врховниот суд во Атина.