Русија почна со испорака на гас за Кина

161

Претседателите на Русија и на Кина, Владимир Путин и Сји Ѓинпинг, и официјално преку телемост го пуштија во употреба еден од најдолгите гасоводи на светот, „Силата на Сибир“, преку кој гасот од Русија ќе ѝ се испорачува на Кина, пренесува ТАСС.

Отварањето на гасоводот „Силата на Сибир“ ја подига руско-кинеската енергетска соработка на ново ниво, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

„Годинава се одбележува 70. годишнина од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Русија и Кина. Овој гасаовод ја подига руско-кинеската стратешка соработка во областа на енергетиката на квалитативно ново ниво“, рече Путин на церемонијата на отварање.

„Силата на Сибир“ е проект на руски „Газпром“ и Кинеската национална нафтена компанија, а гасоводната мрежа долга 4.000 км годишно ќе може да превезе до 61 милијарда кубни метри природен гас, вклучувајќи и 38 милијарди за извоз во Кина.

Спогодбата е потпишана на 30 години, а нејзината вкупна вредност е околу 400 милијарди долари. Изградбата на гасоводот траеше повеќе од пет години.