Русковска: Ќе го анализираме Законот за амнестија кога ќе стапи на сила

86

Ништо не можеме да кажеме и преземеме пред Законот за амнестија да биде објавен во „Службен весник“, вели обвинителката Вилма Русковска. Дотогаш судскиот процес продолжува по вообичаениот тек, пишува Дојче веле.

Што и како понатаму? Ова е прашањето на јавноста откако вчера парламентот едногласно со 95 гласови „за“, ниту еден „против“ и „воздржан“, по скратена постапка го усвои Законот за амнестија, кој се однесува на учесниците во настаните од 27-ми април. Во моментов конкретни одговори не може да се добијат ни од Обвинителството – велат дека не се запознаени со содржината на Законот, кој вчера првпат им беше доставен и на пратениците.

„Судскиот процес за 27-ми април продолжува. Во четврток има рочиште и ќе продолжиме со дополнување на доказната постапка. Законот за амнестија темелно ќе го анализираме кога ќе биде објавен во ‘Службен весник’ и ќе стапи на сила. Од она што го слушаме, е дека законот предвидува амнестија само за поединечни дејства, и дека амнестијата не се однесува на кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок, за кое процесот ќе продолжи“, вели обвинителката Вилма Русковска.

По индивидуалното пријавување за добивање амнестија во законски определениот рок од пет дена, Обвинителството врз основа на доказите обезбедени во истрагата ќе има јасна слика дали и кои од поднесувачите на барањето ги исполнуваат условите од законот, односно за кои од нив судската постапката по сила на законот треба треба да запре. Единствена неизвесност е дали тој процес ќе заврши до Нова Година, или во почетокот на 2019 година.
Продолжува процесот

За разлика од лицата кои ќе ги исполнат условите за амнестија, другите остануваат и натаму во судскиот процес за 27-ми април, кој е во финална фаза. Со законот не се опфатени организаторите и подготвувачите на насилството, службените лица кои ги прекршиле овластувањата, лица со прикриен идентитет (под фантомки) кои употребиле физичка сила и носеле оружје. Во однос на делото за кое тие се товарат, наскоро Обвинителството и одбраната треба ги дадат завршните зборови. Но, и таа постапка нема оди брзо, ако се има предвид дека беа обвинети 33 лица, што значи дека толку бранители треба да дадат завршни зборови, што би траело најмалку десетина дена. Тој период би бил пократок ако во меѓувреме по сила на Законот за амнестија запре постапката за дел од обвинетите, а се смета дека би опфатила над 20 лица од оваа група.

И покрај бројните забелешки дека селективната амнестија не води кон правда, туку кон неправда, вчера сите присутни пратеници гласаа „за“. Законот го поддржаа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои претходно бараа комплетна амнестија за сите обвинети и осудени за „крвавиот четврток“. Непосредно пред гласањето, кон 20-тината предлагачи на текстот на законот се придружија и пратениците Илија Димовски и Панчо Минов.

Пофалби и критики

На гласањето му претходеше и емотивно обраќање на еден од предлагачите на Законот, Зекир Рамчиловиќ, од групата на осумте независни пратеници.

„Носиме политичка одлука со која не сакаме да го попречиме процесот што се води во судството. Иако таа линија е тенка, во изминатиот период работевме напорно за да дојдеме до такво решение. Верувам дека во тоа сме успеале. Ние, пратениците, треба да покажеме дека сме подготвени и да простиме, и да си подадеме рака, и да се извиниме доколку згрешиме. Денес е добар ден за тоа. Да почнеме со постапки кои ќе значат помирување, простување, извинување. Денес е ден кога со подадената рака за помирување од претседателот на Владата, Зоран Заев, ние осум пратеници го започнавме овој процес на помирување кој треба да го прифатиме сите. Верувавме дека подадената рака е искрена но, пред сѐ, дека е неопходна за просперитетот на нашето општество. Сметаме дека помирувањето е неопходно и здраво за целокупниот процес“, рече Рамчиловиќ.

Поддршка на Законот не дадоа од ЛДП и Алијанса за Албанците.

„На 27-ми април во овие простории имаше обид за убиство, и мене ме убиваа, но јас се спасив. Сега ме убиваат по вторпат во истото ова Собрание, преку гласање на овој Закон за амнестија. Ништо не постигнуваме како општество ако ги помируваме злосторниците. Иронично е што Абдулфетах Алими, човекот кој мене ме спасуваше, денес шета по судови и е во затвор, а тие што организираа и отвораа врати за да влезат илјадници во овие простории, со овој Закон се амнестираат. Тоа не беше надежта на граѓаните на Македонија“, реагираше лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Секако, Законот не доби аплауз, но и покрај критиките, вчера во Собранието за првпат доминираше впечатокот дека е направен крупен чекор кон намалување на поделбите и тензиите.