Свесни сме дека и наши колеги имаат некоректен однос кон пациентите, рекоа здравствените работници на протест

193

Белите мантили излегоа денеска на најавениот протест против насилството врз здравствените работници во организација на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари. Здравствените работници преку протестот го изразија својот револт од зачестените напади во здравствените установи и се пожалија дека се чувствуваат небезбедно на своите работни места.

-Сведоци сме на се поголем број вербални и физички напади во време кога ја вршиме должноста. Нема да дозволиме да работиме под страв – изјави Ненад Лазаров од Асоцијацијата.

Здравствените работници проблемот го лоцираат во политичката апатија, негрижата и инертноста кон здравствениот систем, кој, велат, континуирано пропаѓа. Тие бараат отворена дебата со властите за да ги адресираат своите проблеми.

-Последниве 30 години свесното и несвесното уништување на здравствениот систем кулминира. Близу сме до крахот на здравствениот систем. Револтот кај граѓаните кулминира и затоа овие секојдневни инциденти – рече Лазаров.

Тој додаде дека медицинските работници во Македонија се најниско платени во Европа, дека имаат обемна работа, а дека работат во катастрофални услови. При тоа дел од вината ја гледаат и кај некои свои колеги.

-На свој грб го носиме товарот здравствениот систем да опстои. Не смее назадувањето на системот да резултира со физичко насилство. Сведоци сме на некоректен однос и на наши колеги и колешки. Прифаќаме дека проблемот е комплексен, дека постои и во нашите редови. Но време е да бидеме заштитени, време е за подобрување на квалитетот на услугите за пациентите – рече Лазаров.

-Бараме здравствен систем кој ќе биде околу пациентот, сакаме да ја подобриме комуникацијата со пациентите за да се превенираат тие несакани појави и да се слушне нивниот глас  – додаде Божидар Кочовски од Асоцијацијата.

Од Асоцијацијата најавија дека им даваат рок на властите за отворена дебата и изнаоѓање конкретни решенија за овој проблем, во спротивно ќе излезат на штрајк.

-Следниот протест ќе почне и нема да заврши – посочија од таму.

Тие имаат пет барања: итно донесување на закон за докторска дејност кој ќе биде составен во соработка со сите еснафски здруженија, итно законско изедначување на нападот на целиот медицински персонал со напад на службено лице, полицико обезбедување на сите поголеми здравствени установи, особено ургентните центри, задолжителна организација и систем на внатрешна контрола и санација на медицински работници кои се однесува непрофесионално кон пациентите.