Серијалот „закон за јазици“ продолжува утре

85

Продолжението на 32. седница на Собранието на која на дневен ред се амандманите на Законот за употреба на јазиците ќе биде закажано за утре. Ова е договорено на денешната средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи на која присуствуваа и потпретседателите на Парламентот.

Од Кабинетот на Џафери уште нема официјална информација, туку само вообичаено посочуваат дека за тоа кои седници ќе бидат закажани ќе биде ставено на веб-страната на Собранието до крајот на денот.

Сепак, присутни на координацијата потврдуваат дека продолжението ќе биде закажано за утре попладне.

Засега нема информации дали и каков договор е постигнат меѓу пратеничките групи на ДУИ и СДСМ во однос на тоа дали ќе амандманите ќе бидат разгледани или, пак, ќе се гласа директно за законот. Првично седница за амандманите требаше да се одржи минатиот вторник, но тој обид пропадна поради тоа што ДУИ и СДСМ не постигнаа договор дали да се отвори расправа за амандамните или не. Тогаш дел од пратениците на СДСМ бараа за амандманите да се расправа без да се крши Деловникот на Собранието.

Координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, кој денеска повторно не присуствуваше на координацијата, вели дека доколку седницата биде закажана тие ќе присуствуваат на неа со цел да ги бранат амандманите.

– Нашиот став за амандманите останува ист, вели тој додавајќи дека тие треба да се разгледуваат на седница.

Премиерот Зоран Заев вчера одговарајќи на новинарско прашање кажа неделава се очекува да биде донесен законот за употреба на јазиците, а по девет месеци расправата треба да биде завршена.

– Прашањето треба да биде што побргу затворено. Порано овие закони се носеа по самото завршување на парламентарните избори, сега дадовме девет месеци дебата. Сите кажаа сè што имаа да кажат. Тоа е оневозможено уставно право на граѓаните од другите етнички заедници. Нека се донесе законот, нека се спроведе и ќе видиме сите дека не било ништо толку тешко и трагично, туку ќе овозможи полeсно да се разбираме едни со други, изјави Заев.

Според премиерот, пратениците од парламентарното мнозинство дале уште една недела шанса за дијалог и разговор за решение прифатливо за опозицијата.

– Но, оваа недела законот треба конечно да се донесе. Чекорите ќе се движат во согласност со демократските процедури и ваквите прашања што ќе ја крепат мултиетничноста на државата, конечно, ќе бидат затворени, порача премиерот.

Законот за употреба на јазиците е во трето читање во Собранието, откако тој непотпишан и со низа забелешки беше вратен во Собранието. Врз основа на овие забелешки 35.569 амандмани поднесе само опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за кого законот е неуставен и треба да се повлече.