Се откажува „Евровизија“

296

Поради ситуацијата со КОВИД-19, организацискиот тим на „Евровизија“ одлучи да ја откаже манифестацијата, која годинава требаше да се одржи во Ротердам, Холандија.

Како пренесуваат, се разгледувале сите опции за да се овозможи одржување на музичкиот натпревар, но на крајот Европската радиодифузна унија (ЕБУ) ја донела одлуката сепак годинава да не се одржи, со оглед на мерките против ширењето на вирусот, со кој се соочува и Европа, а и остатокот од светот.

Останува можноста за организирање на фестивалот во Ротердам евентуално следната година, но сепак ова не е официјална одлука.

Македонската радио-телевизија соопшти дека ги следи и почитува одлуките на ЕБУ, како и дека ќе дејствува онака како што ќе наложи ситуацијата.

За потсетување, 65-тото издание на „Евровизија“ требаше да се одржи од 12 до 16 мај во Ротердам, а Македонија требаше да ја претставува Васил Гарванлиев со песната „Ти“.