Скопјани дишат загаден воздух 162 дена во годината

27

Загадувањето на воздухот во Скопје стана актуелно прашање уште пред почетокот на студените зимски денови. И како што веќе е познато, најголем дел го сочинуваат штетните микрочестици што можат да навлезат длабоко во организмот на човекот. Но отровниот воздух содржи и јаглерод моноксид, азотни оксиди, јаглерод диоксид, кои исто така се штетни за човековото здравје и природата. Според официјалните податоци од ревизорскиот извештај ЕУРОСАИ, кој беше поддржан од 15 врховни ревизорски институции од Европа, заедно со Европскиот суд на ревизори, беше утврдено дека скопјани дишеле загаден воздух 162 дена од годината. Овие податоци укажуваат дека во најголем број од деновите во годината граѓаните дишеле загаден воздух.

Не се важни само ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките, бидејќи штетни супстанции има и во издувните гасови од возилата, а познато е колку е голем сообраќајниот метеж во Скопје, особено во утринските и во попладневните часови. Понекогаш метежот е целодневен, а граѓаните не можат да избегаат од издувните гасови од сите тие автомобили по сообраќајниците. Според планот за подобрување на воздухот во скопскиот плански регион, изработен од финскиот институт за метеорологија, австриската агенција за животна средина, градот Скопје и Министерството за животна средина, сообраќајот учествува со 20 отсто во загадувањето на воздухот.
Според Трајче Стафилов, професор од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, согорувањето материи вообичаено доведува до емисија на загадувачи како цврсти честички, азотни оксиди, сулфурни оксиди, јаглерод моноксид и испарливи органски соединенија.

– Неконтролираното горење јаглен и нафта е извор на загадување со цврсти честици и јаглерод диоксид, сулфур диоксид и азотен диоксид. Согорувањето на овие горива доведува и до емисија на токсични органски хемиски соединенија, кои не се следат со нашиот мониторинг-систем – вели Стафилов.

Загадувањето што произлегува од сообраќајот е постојано и поголемиот дел од државите во светот се справуваат со овој вид загадување. Ние, веројатно, допрва ќе треба да го правиме тоа многу посериозно, бидејќи и кај нас, освен штетните микрочестички познатите ПМ 10 и ПМ 2,5, во загадениот воздух имаме и токсични соединенија што се создаваат при согорување различни материи, вклучувајќи ги и горивата од возилата. Преку нашиот автоматски мониторинг-систем за следење на загадувањето на воздухот и концентрациите главно на ПM 10 и ПM 2,5 само на неколку станици се следи и концентрацијата на јаглерод моноксид, азотни оксиди, сулфур диоксид и озон. Следењето на концентрациите на органските хемиски соединенија, кои се навистина штетни, бараат дополнителна опрема што е скапа. Стафилов вели дека оваа опрема сепак е потребна за да може мониторинг-системот да ги детектира овие соединенија. На овој начин ќе се има подобра слика и подобро ќе се следи загадувањето на воздухот.

– Во светот со мониторинг-системите се следат овие органски хемиски соединенија, тоа недостига кај нас. Освен од согорувањето на биомасата и нафтата или нафтените деривати, и сообраќајот придонесува за нивно емитирање во воздухот. Како најкарактеристични примери за овие соединенија се оние од групата на полицикличните ароматични јаглеводороди – вели Стафилов. Тие особено се испуштаат при процесот на согорување на горивата во дизел-моторите.

Испуштањето на овие соединенија претставува проблем затоа што можат да предизвикаат големи здравствени последици. Здравствените ефекти од долгорочно или хронично изложување на полицикличните ароматични јаглеводороди може да предизвикаат намалена имунолошка функција, катаракта, оштетување на бубрезите и црниот дроб, проблеми со дишењето, симптоми слични на астма и абнормалности на функцијата на белите дробови, наведуваат светските медицински експерти.