Скопје утрово трет најзагаден град, по Калкута и Кабул

501

Скопјани се гушат во ПМ10 честички. По неколкудневна пауза, главниот град повторно се најде на неславната листа на најзагадени светски престолнини.

Утринава Скопје се најде на третото место, веднаш зад Кабул и Калкута. Мониторинг-страната на загаденост измерила просек од 173 микрограм ПМ10 честички на кубен метар – три пати над дозволеното.

Социјалните мрежи изминатово деноноќие беа преплавени со поплаки од граѓаните. Се жалат на непријатна миризба, густ чад и печење на очите.

„Паднаа температурите, снема ветар – Каде ви се ефектите од мерките?“, прашува загрижен жител на Лисиче, кој вчеравечер постирал фотографија од инструмент кој отчитал енормни 500 микрограми од канцерогените честички.

Откако во петокот се организираше најмасовниот протест досега против аерозагадувањето, Владата ги повика еко-активистите на средба. Но, оттаму велат – средба ќе прифатат ама откако на маса ќе стават конкретни решенија за поднесените барања.

Указ за итно носење на ДУП СИ 09 Гази Баба за Вардариште.

ЈО да отвори истрага за Охис во стечај, стечајната маса, продавање, склучени договори, испуштањето на токсична хемиска материја и за палење на кабли во Скопје, кој го откупува бакарот, како се снабдуваат со кабли лицата кои ги горат.

Да се усвојат на Влада измените и дополните на Законот за животна средина со кои се идентификуваат и уредува постапувањето со контаминирани подрачја и влезе во Собраниска процедура.

Стопирање на процедурата на усогласување на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културно наследство, заштита од природни и други непогоди, комунална хигиена со законот за прекршоци.

Поднесување на веќе изготвената апликација за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат.

Одземање на концесијата на Еуромакс за рудникот Иловица-Штука.

Одземање на истечената концесија за експлоатација за рудникот Плавица.

Еден од приоритети на активистите е и решавање на проблемот со хемискиот гигант ОХИС, каде пред еден месец се случи хаварија со истекување на вода полна со метил акрилат. Бараат и да се одземат истечените концесии за рудниците Плавица и Иловица – Штука.

На владата и дадоа рок до петок итно да се произнесe за овие барања. Доколку не видат цврста волја за решавање на проблемот, можни се нови протести.