Славимир Стојановиќ Футро – специјален гостин на 11.Скопје постер фестивал

218

Скопје постер фестивалот, манифестација која остана посветена на застапување на принципот за одбрана на квалитетниот – општествен и некомерцијален плакат, го празнува своето 11-то фестивалско издание под мотото „Моќта на плакатот“.

Добитникот на над 300 меѓународни награди за дизајн, визуелен уметник и креатор на лајфстајл брендот Футро, како и автор на детската сликовница Синги Лумба и дрвото на магичните моливи Славимир Стојановиќ ќе биде почесен гостин на овогодишниот СПФ.
Организаторите најавуваат одлично дружење со еден од најинспиративните графички дизајнери на Балканот.

„Славимир како наш долгогодишен пријател, во овие тешки времиња за културна преообразба, се согласи да ни биде гостин во Скопје. Неговите безвременски дизајни ќе ги изложиме на фестивалот, а во текот на утрешниот ден ќе направиме промоција на неговата илустрирана книга со раскази „Девет“, која наиде на фантастични реакции од фелата, па дури и од книжевните критичари“ – изјави Лазе Трипков, почесниот претседател на Плакарт.

Отворањето на фестивалската изложба на дела од Славимир Стојановиќ Футро, заедно со уште 4 други изложби на над 200 плакати на темите „Моќта на плакатот“, дела од унгарски млади дизајнери и наградените плакати од изминатите 10 години, како иплакати од постер-акцијата против загадувањето #СМОГЈЕ ќе се одржи вечерва, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ со почеток во 19 часот.

На 27 ноември 2018, во 19:30 часот во Книжарницата Литература.мк на улица Македонија е ќе биде поромовиран илустрираниот роман „ДЕВЕТ“ – новата книга на Славимир Стојановиќ Футро.
Книгата со илустрирани раскази е автобиографски и емотивен роман на Славимир, составен од 47 кратки раскази од најраните почетоци на неговата кариера и со вклучени илустрации од дизајнери – пријатели на авторот, која во соседна Србија и регионот стана хит за многу краток период. Промоцијата ќе биде преку разговор со авторот Стојановиќ, што ќе го води новинарот и книжевен критичар Александра Јуруковска.

11. Скопје постер фестивал ќе биде отворен за посетители до 6 декември.
Придружете ни се во новата декада полна со несекојдневни дизајн искуства, инспирација и креативна сила!!!