СОБРАНИЕ: Расправа за Предлог-законот за отпишување камати за наплата на долгови

178

Јавна расправа по Предлог законот за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште  во второ читање, ќе се одржи во македонското Собрание.

Јавната расправа е организирана во рамки на седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Предлог законот е поддржан од повеќето пратенички групи. Се однесува на постапката, условите и начинот на отпис на каматата, а за датум како пресек за кои предмети се однесува е одреден јуни 2011 година кога стапи во сила трансферот на извршната функција од редовните судови на овластените извршители.

Предлог законот се однесува на оние предмети кои се во фаза на предлози за извршување, а не се правосилни или предлози за извршување по однос на веродостојна исправа за кои не се донесени правосилни решенија до мај 2006 година, односно за предмети кај кои е започната постапката, на пресуди во однос на издадени платни налози за предмети кои што не се трансферирани од судот до нотарите и извршителите овој закон го ограничува важењето на отписот на камата, бидејќи и главниот долг веќе е застарен.

Со членот 3 од Предлог законот се регулира правото на стекнување на отпис од камати, со член 4 правото на отпис од страна на доверителите согласно Законот за облигациски односи како доброволна основа на доверителите, а со член 5 постапката, според која должникот откако ќе го плати долгот, со доказ дека го платил треба да се обрати со барање до доверителот кој го разгледува барањето и донесува одлука во рок од 15 дена. Потоа во рок од 8 дена треба да го извести соодветниот нотар или извршител. Во таков случај нотарот постапува по членот за запирање на постапката по правосилни и извршни налози што ги има по членот 73 од Законот за нотаријат, или пак извршителот во таков случај ја запира постапката по членот 93 од истиот Закон.

Како што образложи на претходната седница на Комисијата, пратеникот Панчо Минов, постојните тарифи кај извршителите и нотарите се превисоки и се очекува член 7 од Предлог законот да резултира со најмалку 50 проценти намалување на трошоците за извршување по однос на опфатените предмети.