Со лисици на раце и полициска придружба Јанева дојде на распит за „Рекет“ (ФОТО)

248

Поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева со лисици на раце денес беше спроведена во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Јанева денес за прв пат од Истражниот затвор во Шутка е донесена пред Вилма Русковска како обвинета за случајот „Рекет“. Осомничената шефица на СЈО во Обвинителството беше донесена во придружба на една жена од затворската полиција на затворот и  тројца затворски чувари.

Истрагата за Катица Јанева, но и за Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески – Кичеец, како што соопштија од Обвинителството, е завршена вчера кога и почна да тече рокот од 15 дена за увид во доказите.

Ова е втор исказ на Јанева пред ЈО за „Рекет”, откако на 20 август годинава таа беше сослушана во својство на сведок, за следниот ден да биде приведена од нејзиниот дом во Скопје, а Јавното обвинителство за огранизиран криминал и корупција да информира дека ја проширува истрагата за случајот и за Јанева како третоосмничена да побара 30 дневен притвор.

Во обвинителството вчера на распит беше донесен првоосомничениот за „Рекет” Бојан Јовановски. Тој беше во обвинитеството еден час, но не дал исказ пред обвинителите.

По севкупната анализа на прибраните материјални и вербални докази, надлежниот обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, информираше дека е завршена истражната постапка за „Рекет” и дека тече рокот од 15 дена за увид во доказите за првоосомничените лица и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените.

Од обвинителството укажаа на тоа дека давањето на исказ на осомничено лице не е процесно дејствие, што подразбира дека одбрана, односно исказ, може да се даде и во законскиот утврдениот рок кога се врши увид во доказите.

Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика и бизнисменот Зоран Азманов.

Случајот „Рекет” Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори во јули годинава, против Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец, за потоа истрагата да се пришири и против Катица Јанева. Сите тројца се наоѓаат во притвор.