СО ПАРИТЕ ОД „СКОПЈЕ 2014“: Реконструкција на средните училишта

140
shilegov

Енергетски ефикасни фасади во сите средни училишта во Скопје ќе бидат изградени со средствата од проектот „Скопје 2014“, најави градоначалникот Петре Шилегов.

Тој рече дека станува збор за 70 милиони денари, а реконструкцијата на средните училишта е планирана да почне на 10 јуни и да трае до почетокот на новата учебна година.

– Со реконструкцијата на фасадите ќе ги опфатиме сите средни училишта коишто имаат потреба од тоа. Со ова училиштата ќе добијат енергетски ефикасни фасади, во согласност со современите стандарди за рационализација и за заштеда на електричната и на топлинската енергија. Покрај реконструкција на фасадите предвидена е реконструкција на покривите и на надворешната столарија, таму каде што е потребно. Висината на средствата за оваа намена, предвидени во буџетот на Град Скопје изнесува 70 милиони денари. Овие средства ги обезбедивме со пренамена на средствата што беа предвидени за „Скопје 2014’“ , рече Шилегов.

Тој додаде дека годинешниов буџет на Град Скопје за образование е двојно зголемен во споредба со лани, односно од 81,2 милиони денари на 163,2 милиони денари.

Покрај енергетски ефикасните фасади, Шилегов најави дека ќе бидат поставени филтри за воздух во секоја училница во вкупно 23 средни училишта.