Србија го отфрла предлогот на Трамп да го признае Косово

195
Aleksandar-Vucic

Србија нема да го прифати предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп да ја призна државата Косово, а Белград ја отфрла и преговарачката платформа на Приштина, којашто, како крајна цел на дијалогот, подразбира признавање на независноста на поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија која еднострано во 2008 година со поддршката на САД и главните земји во ЕУ прогласи независност, пишуваат во неделата белградските медиуми оценувајќи дека предлогот на американскиот челник е „лицемерен“ и „перфиден“.

„Белград нема да ги прифати перфидниот предлог на Америка да го признае Косово, кој е лицемерен, која во својата честитка до претседателот Александар Вучиќ за денот на државноста, ја испорача неговиот колега од САД, Доналд Трамп“, пишуваат Вечерње новости повикувајќи се на неименувани извори.

Со насловот „Непристојна понуда од САД – Србија го одбива барањето на Трамп“, споменатиот дневен весник, кој инаку важи за близок на претседателот на Србија и на српскиот државен врв, наведува дека „овој повик од Белата куќа, како и скандалозната платформа којашто е усвоена во Приштина“, во Белград се гледаат како „синхронизирана акција“.

Целта на оваа акција, како што оценува Вечерње новости, би била Србија практично да биде навлечена „на тенок мраз – до крајот на годинава да ја признае лажната држава, а за возврат да ѝ се понуди забрзан пат во ЕУ и отворена опција за придружување во НАТО“.

Трамп во својата честитка до Вучиќ по повод 15-ти февруари, денот на државноста на Србија, порача дека пред Белград и Приштина стои „да постигнат договор кој двете страни може да го поддржат“.

„Сметаме дека взаемното признавање би требало да биде централниот елемент на трајната нормализација на односите. Таквиот историски договор, со заемното признавање во својата суштина, би го изградил патот за евроинтеграцијата на Србија и за економскиот раст“, предложил Трамп.

Честиттка со слична содржина до Вучиќ упати и американскиот државен секретар Мајк Помпео. „Нормализацијата на односот на Србија со Косово, со заемно признавање, е клучна за западните интеграции на Србија“, му порача Помпео на српскиот претседател.

Ваквиот став на Вашингтон се насетуваше уште на почекот од февруари, кога слична порака на двете страни им упатија амбасадорите на САД во Белград и во Приштина, со заеднички авторски текст истовремено објавен во белградскиот и во приштинскиот печат. Амбасадорите како „центар“ на очекуваниот договор на двете страни им предложија „заемно признавање“.

Од Вашингтон потоа на косовските челници им стаса и предупредување дека САД ќе го преразгледаат својот натамошен однос кон Приштина, доколку косовските власти не ја повлечат еднострано воведената царина на стоките Србија и од БиХ, што наводно била одмазда на Приштина на кампањата на Белград Косово да не биде примено во Интерпол.

Во меѓувреме во Приштина е усогласена преговарачката платформа за продолжување на дијалогот со Белград, со која се исклучуваат преговори за промена на границите, а косовските преговарачи се обврзуваат од Србија да бараат признавање на Косово. Се бара и укинување на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, со која Србија на Косово му го признава територијалниот интегритет но не и признавање на независноста, како и основање на специјален суд за воени злосторства кој исклучиво би судел злосторства кои во текот на судирите во 1998/1999 година се припишуваат на косовската, како и на српската страна.

Усогласениот документ на приштинскиот преговарачки тим, упатен пред косовскиот парламент на усвојување, има вкупно 11 точки, а Белград во саботата официјално го отфрли, оценувајќи дека тоа претставува „платформа против дијалогот“.

„Документот усвоен во Приштина всушност е платформа против дијалогот“, е ставот на српскиот државен врв кој претседателот Вучиќ во телефонски разговор ѝ го пренел и на посредничката на ЕУ во дијалогот, шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини. Вучиќ на Могерини и го повторил ставот дека дијалогот може да биде продолжен само доколку Приштина ги укине огромните царини за српските стоки.

„Со усвојувањето на платформата, албанската страна до крајот ја соголи својата политика, чијашто цел е да се понизи Србија и да нема ништо од продолжувањето на дијалогот“, оценува за Вечерње новости, шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ. Тој истакнува дека под тие услови „не само што нема продолжување на дијалогот, туку треба и да се размисли дали воопшто да се остане приврзан на сегашниот формат, во кој на едната страна ѝ е дозволено неказнето да ги крши сите досегашни договори“,

Во и онака напнатата ситуација, дополнителни тензии поттикна и албанскиот премиер Еди Рама со пораката дека „унијата меѓу Албанија и Косово не е ‘план Б’, туку ‘план А’’4, како и дека тој оваа унија на „двете држави на еден народ во XXI век не ја замислува како фолклорен чин“, истакнувајќи дека за него „Косово е дел од Албанија“, објавија белградските медиуми пренесувајќи исечоци од интервјуто на Рама за грчкиот портал Protothema. Грчкиот медиум притоа оцени дека ваквите изјави на албанскиот премиер „може да доведат до непознати последици за целиот балкански регион“.