Србија очекува Мичел да донесе нови американски предлози за Косово

87

САД подготвиле пакет предлози за односите на Србија и Косово, кој ќе биде претставен при посетата на американскиот помошник државен секретар Вес Мичел на регионот, пишува српскиот весник „Новости“.

Според весникот, предлозите на Мичел содржат барање Србија да овозможи прием на Косово во меѓународните организации. За возврат, заедницата на четирите општини во Косово кои се со мнозинско српско население ќе добие широки овластувања во образованието, здравството и културата, а потпретседател на косовската Влада кој е Србин ќе има овластувања да го контролира функционирањето на оваа заедница.

Србија ќе добие поддршка за прием во Европската унија, како и посериозна економска поддршка, пишува весникот.

„Новости“ пишува дека предлозите ќе бидат претставени пред српскиот претседател Александар Вучиќ, како најсилна политичка фигура во Србија, а евентуалното негово одбивање на предлогот би довело до блокада на српските евро-интеграции.