ТИЛЕРСОН: САД ќе останат во Ирак до целосно уништување на заканата од ИД

79

САД ќе го задржат своето воено присуство во Ирак сè додека не биде целосно отстранета заканата од страна на терористите од групата Исламска држава (ИД), изјави американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во интервју за арапската телевизија „Ал Хура“.

Тилерсон, кој е на турнеја низ неколку земји од Блискиот Исток, додаде дека главната цел на САД во Сирија е целосно уништување на ИД, но Вашингтон исто така не сака да дозволи конфликт меѓу другите сили на територијата на земјата.

САД не сакаат продолжување на граѓанската војна во Сирија. Затоа, присуството на Соединетите Американски Држави треба да стане стабилизирачки фактор кој ќе придонесе за женевскиот преговарачки процес под покровителство на ОН. Овие преговори ќе му овозможат на сирискиот народ да го напише својот нов устав и да спроведе фер и слободни избори, додаде шефот на американската дипломатија.

 

Тој оцени дека политичкиот процес во Сирија ќе предизвика ослабување на влијанието на Иран во земјата, бидејќи самата сириска држава ќе стане повеќе независна преку тој мирен политички процес.

Според него, влијанието на Иран во Сирија не е позитивно, туку негативно, затоа што Иранците предизвикуваат нестабилност и носат насилство.

– Сирија сега е извор на нестабилност не само за Израел, туку и за Јордан и Турција, и за сите нејзини соседи и САД целосно го признаваат правото на Израел да се заштити од закани, рече Тилерсон.

Денеска тој оди во Аман, главниот град на Јордан, каде ќе се сретне со претставници на опозицискиот Сириски преговарачки комитет, а потоа ќе има средби и со јорданскиот крал Абдула Втори и со министерот за надворешни работи, Ајман Сафади.