Тимоние: Ги очекуваме реакциите на нон-пејперот од сите земји-членки, но во едно сме согласни – правната држава пред сè

140

Франција најпрво ги очекува реакциите на нон-пејперот од земјите-членки, но исто така со големо внимание ќе ги сослуша и забелешките и од македонската страна, посочи денеска францускиот амбасадор Кристиан Тимоние, одговарајќи на новинарско прашање по средбата со претседателот на Уставниот суд Сали Мурати.

Францускиот нон-пејпер, посветен на новата методлогија во преговарачкиот процес, како што посочи Тимоние веќе е доставен до сите земји-членки на Европската унија, а по насоките кои францускиот амбасадор ги добил од француската влада, документот е доставен и до македонската влада.

Всушност тоа се француските размислувања доставени до сите земји-членки на ЕУ и по насоките од мојата Влада ја ги оставив до властите на РСМ и ги очекуваме најпрво реакциите на земјите-членки, но исто така ќе бидеме мошне внимателни и ќе ги сослушаме забелешките од македонска страна, рече Тимоние.

Тој најави дека денеска ќе се сретне со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, кого, како што, рече ќе го сослуша во врска со неговите размислувања за францускиот документ, а најави и средби со други претставници на властите во земјата.

Сепак, посочи Тимоние најважно од сè е почитувањето и функционирањето во пракса на правната држава и додаде дека тоа е работа за која се согласуваат сите.

Обновениот пристап во процесот на проширување на Европската унија што го бара Франција, во кој владеењето на правото и темелните права остануваат во прв план, а клучно е воведувањето на реверзибилноста на преговарачкиот процес, за Владата е вреден за поздравување, бидејќи, како што велат оттаму, добредојдена е секоја идеја која ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, посуштински и покредибилни.

Франција го испрати нон-пејперот до земјите-членки, а од Европската комисија бара новата методологија да ја објави до јануари 2020 година. Документот го доби и Владата, а сега следува негово детално анализирање, со цел нашите институции да го дадат својот придонес во процесот на реформирање на преговарачката методологија.

Постепено придружување, построги услови, поконкретна корист и реверзибилност се четирите услови на кои би се засновал обновениот пристап во преговарачкиот процес, според францускиот предлог. Париз бара целокупниот процес на придружување да биде „постепен и поттикнувачки“.

Како „пребавни“ ги оценува Франција во документот длабоките политички, економски и социјални трансформации потребни за идно пристапување во ЕУ. Смета и дека не се доволни конкретните придобивки за граѓаните во земјите-кандидатки.

Владеењето на правото и темелните права би останале интегрално барање од моментот на отворање преговори и би останале такви во сите области за време на процесот, а клучниот предлог на Франција е во усвојување на принципот на реверзибилност, бидејќи се смета дека тоа ќе го осигура кредибилитетот и поттикнувачката природа на процесот.

Според Париз, таквиот принцип е нужен во ситуации кога земјата кандидат делумно или воопшто не исполнува одредени критериуми или престанала да ги исполнува преземените обврски. Во таков случај, европскиот одговор би можел да се движи од запирање на финансиската помош до општа суспензија, во случај да се доведени во прашање основните вредности на ЕУ.

Со нон-пејперот се предвидува дополнителна финансиска помош во предпристапниот период за Западен Балкан, што би подразбирало поголеми предпристапни инструменти и пристап до структурните фондови кои сега се резервирани само за земјите-членки на ЕУ.

Османи, кој денеска ќе се сретне со Тимоние, веќе посочи дека е важно со одобрувањето на новата методологија за проширувањето да се определи датум за почеток на преговорите.

Важно е Европскиот Совет при одобрувањето на оваа методологија да го одобри започнувањето на преговорите. Тоа е многу важно да се надоврзе. Доколку постои дисконекција меѓу методологијата и почетокот на преговорите, тоа нè носи кон нејасен пат. Фактот што се потврдува полноправното членство како единствен пат, фактот дека процесот е започнат и оти се достапни структурни фондови, тоа е нешто ново и позитивно за земјата, рече Османи за „Алсат-М“.

Тој не прецизира кои точки од новопредложената методологија би можеле да имаат негативно влијание врз евроинтегративниот процес, но додава дека има многу нејаснотии во овој документ, па Владата побарала да биде вклучена во неговата подготовка.