„Тотенхем“ си замина непоразен од Торино, „Сити“ си поигра со „Базел“

215

Екипите на „Јувентус“ и „Тотенхем“ не се победија по првиот меѓусебен меч во 1/8-финалето во Лигата на шампионите, откако дуелот на „Алијанц“ стадионот во Торино заврши 2:2.

Двата тима одиграа спектакуларен дуел откако домаќините рано поведоа по два гола на Гонзало Игуаин во 2. и во 9. минута од пенал.

Сепак, „петлите“ ја вратија интригата преку гол на Хери Кејн во 35. минута, додека Кристијан Ериксон изедначи во 72. минута.

Домаќините можат да жалат што не постигнаа трет гол на крајот на првиот дел, кога добија втор пенал, но Игуаин ја погоди пречката.

Англичаните дефинитивно си заминаа позадоволни по ова реми, што е одличен резултат и им дава одлични шанси пред реваншот на „Вембли“.

„Манчестер Сити“ пак продолжи со неверојатното претставување од почетокот на сезоната, откако запиша голем успех во првиот натпревар од осминафиналето против Базел со 4:0 како гостин и веќе може да размислува за следната фаза.

Два гола на Илкај Гундоган и по еден на Бернардо Силва и Серхио Агуеро ја покажаа очигледната разлика во класите во корист на „граѓаните“.

Тимот на „Сити“ постигна три погодоци за 9 минути пред паузата и го решија мечот во своја полза.

Базел играше отворено и заслужи да стигне барем до почесен погодок, но напаѓачите ги пропуштија сите шанси пред голот на Едерсон.