Трамп најави подем на американскиот челик од стариот индустриски центар Питсбург

208

Американскиот претседател Доналд Трамп одржа победнички говор во сојузната држава Пенсилванија, која беше клучна за неговата победа на изборите во 2016 година, откако го нареди воведување царини за увозот на челик и алуминиум, и откако даночните реформи што ги спроведе доведоа до еден од најдобрите месечни биланси на ново-отворени работни места во САД.

Трамп вчера собра илјадници поддржувачи во предградие на Питсбург, некогашниот центар на металуршката индустрија во САД, и побара од нив да го поддржат републиканскиот кандидат за испразнето место во Конгресот Рик Саконе, велејќи дека со поголемо републиканско мнозинство ќе му биде полесно да продолжи да ја спроведува ветената економска програма.

– Ни требаат Републиканци. Ни требаат вашите гласови, побара Трамп, кој во ноември ќе се соочи со неизвесни избори за Конгресот на кои Демократската партија се надева дека ќе освои мнозинство во Претставничкиот дом, со што ќе може да отпочне и процес на импичмент против претседателот.

Демократите остро реагираа на некои од изјавите на Трамп, особено неговото исмевање на конгресменката Максин Вотерс, Афроамериканка од Калифорнија, за која Трамп кажа дека дека има низок коефициент на интелигенција. Вотерс е една од првите членки на Конгресот што побара отстранување на претседателот Трамп од функцијата.

Претседателот Трамп ја отвори можноста за смртни казни за дилерите на дрога, и ги повика гласачите да бидат решителни во избирањето кандидати кои ќе го заштитат правото на Американците да поседуваат оружје.

Главната тема на обраќањето, сепак, е економската состојба, и Трамп го посочи создавањето на 313.000 нови работни места во текот на минатиот месец, што е еден од најдобрите резултати во изминатите години.

– Вашата челична индустрија се враќа, изјави Трамп пред граѓаните на Пенсилванија, најавувајќи дека освен царината за челик и алуминиум, може да воведе дополнителни царини против автомобилите увезени од Европа. Во исто време, Трамп најави преговори со држави како Австралија или Канада за нивно изземање од царините.