ТРАНСВЕРЗАЛЕЦ: Планинарите да се воздржат од изјави во врска со трагичниот настан на Кајмакчалан

270

„ДПС Трансверзалец ги замолува сите планинари да се воздржат од изјави во врска со трагичниот настан на Кајмакчалан до објавување на официјален извештај“, вака преку фејсбук-статус на нивната официјална страница се обрати планинарското друштво „Трансверзалец“.

Јавноста ја потресе трагедијата која пред два дена се случи на планината Ниџе каде загинаа двајца планинари, Калина Велевска (28)  и Александар Миновски (35) членови на ова друштво.

По немилиот настан социјалните мрежи се наполнија со критики кон друштвото кое според нив треба да превземе одговорност.

Дел од корисниците пишуваат дека планинарите не биле обучени за зимски тури и дека групата од 50 лица немала доволно водичи. Дел од луѓето барале да се откаже турата откако се соочиле со снежните виулици затоа што условите биле многу лоши, но и покрај тоа продолжиле да се искачуваат.

Планинарското друштво „Трансверзалец“ најавува прес конференција до крајот на неделава во врска со немилиот настан.