Трет ден потрага по преживеани во Албанија, бројот на загинати постојано се зголемува

203

Трет ден спасувачките служби ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани по земјотресот од 6,4 степени по Рихтер кој ја погоди Албанија. Како што продолжува потрагата така се зголемува и бројот на жртвите. До сега се извадени телата на 40 загинати, од кои најмалку 4 се деца а властите стравуваат дека тој број дополнително ќе се зголемува. 650 се повредени а бројот на исчезнати не е познат додека спасувачите постојано слушаат повици за помош од урнатините. По првичниот земјотрес регионот го погодија дополнителни 650 потреси од кои десетина беа со јачина над 4 степени. Секој потрес ги потсетува на хоророт и ја зголемува паниката кај преживеаните кои синоќа ја поминаа и втората ноќ на отворено.

  • Зошто би одела дома, се плашам. Се вратив само за да си ги земам лековите и започна нов потрес па избегав. Се плашам зошто да се вратам дома, вели Мериа Мехиа – 63 годишна жителка на Драч

Повеќе од 2.000 жители кои ги загубија своите домови, се собрани во импровизираниот камп во фудбалскиот стадион во Драч. Шаторите не се доволни да ги соберат сите затоа што преплашените жители на Драч сигурноста ја гледаат само под отворено небо.

  • Преплашени сме, вакво нешто не очекувавме. Спиевме сите и одеднаш се започна да се тресе. А вечерва? Вечерва остануваме надвор со бебето, вели Нетила Ката – мајка на шест месечно бебе

Потрагата на спасувачките екипи е постојано прекинувана од афтершоковите и како што одминува времето надежта се намалува дека од урнатините ќе успеат да извадат повеќе живи. Спасивачки екипи пристигнаа од сите балкански земји а хуманитарна и финансиска ветија повеќе земји во светот.