ТУРБАН СО МОНИСТА: Скопјанка создава парчиња кои „врескаат“ од луксуз (ФОТО)

9065

Катерина Палческа од Скопје на модниот пазар се издвои од останатите креативци не само по уникатноста во изразувањето на производите кои ги создава, туку и во начинот на презентација на истите.

Доколку го разгледате нејзиниот инстаграм-профил ќе ви се чини како да листате некое престижно модно списание. 

Веќе шест години успешно создава впечатлив накит кој  бара макотрпна работа. Од процесот на осмислување на идејата , преку поврзување на боите кои се компатибилни една со друга, се до квалитетот на изработката. И на крај адаптирање на производите во машината наречена мода.

Палческа на некој начин наметна тренд  на еден масивен накит овде кај нас, им влеја хрброст на Македонките на себе да стават огромни ланчиња наместо горна облека, да експериментираат со својот стил употребувајќи долги и големи синџири кои висат по нозете налик на римјанки и да не се срамат да се појават така во јавност.

Познатите личности брзо го прифатија нејзиниот стил на изразување.

Она што во последно време ја прави актуелна по локалните медиуми се нејзините сезонски  парчиња на кои им вдахнува стилизирана магија. Нејзните нови модни додатоци наликуваат како да се извадени од плакарот на Кејт Мидлтон,  па така дизајнарката несвесно како да ги создава за жени чиј изглед е како од високите кралски кругови.

Овие капи, шалови , ракавици, турбани… таа ги плете сама, а потоа ги украсува со бисери , мониста… на префинет начин.

Луксузниот изглед на креациите не ги прави прескапи за наш стандард, впрочем Палческа ги прави по достапни цени.