Турција – постојана стратегиска закана за Грција

219

Додека нашето општество е поделено и се поттикнуваат страстите околу скандалот со швајцарската фармацевска компанија „Новартис“ или за спорот со Скопје, ние Грците за жал забораваме дека сме соочени со една постојана стратегиска закана.

Турција е една голема нервна сила. Земјата премина во поинаква фаза од онаа што ја познававме. Таа е соочена со ќорсокак во Сирија и е во постојана конфронтација со САД и Европа.

Претседателот Реџеп Тајип Ердоган ја пренесе битката за својата политичка хегемонија во сферата на безбедноста.

Многумина аналитичари се прашуваат што ќе направи тој ако види дека фронтот што го отвори против Курдите не води кон лесна и брза победа.

Грчки високи претставници сметаат дека не е исклучено Ердоган да се обиде да отвори и втор фронт во реонот на Егејското Море или Источниот Медитеран.

Тоа пред неколку дена јасно го кажа и главниот командант на турските Вооружени сили.

Атина ги постави своите црвени линии. Нивната основа предвидува дека ако еден турски војник стапне на некое островче или остров, ќе следи итен одговор.

Опасноста од ескалација поради евентуален инцидент во воздух или по море е секогаш реална.

Традиционалните посредници во услови на зголемени тензии се соочени со тешки пазарења со Анкара.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги испраќа својот советник за национална безбедност и државниот секретар во Анкара со цел, колку што е во негова моќ, да ги спаси американско-турските односи.

Очигледно е дека во оваа етапа Американците се уште не ја отпишале Турција и ќе ги вложат сите можни напори за да не ја загубат.

Сето тоа го прави претстојниот период многу сомнителен и опасен.

Што се однесува до Европејците, тие се соочуваат со сопствени проблеми во односите со Турција.

Тој што се уште верува дека перспективата за членство на Турција во ЕУ е реалниот лост за притисок врз неа, живее во свој сопствен свет на фатаморгана.

На Турците им е јасно дека никогаш нема да станат постојана членка на ЕУ и врз основа на тоа ги изработуваат своите планови.

Грција и Турција ќе продолжат да си играат „мачка и глушец“ околу двата спорни ненаселени острови и околу територијалните води во Егејското море.

Искусни експерти во Атина сметаат дека клучот лежи во избегнување на една неконтролирана ескалација, која би била последица на некаков инцидент или некакво вовлекување во конфликт.

Некој би се надевал дека макар и неофицијално, грчките политички лидери дебатираат за оваа опасна ситуација, дури таа да се води по неформални канали.

За жал по вина на Владата не постојат такви канали, ниту е на повидок неопходната доверба. Напротив, мостовите се уриваат насилно и неповратно.