ФОТОГРАФИЈАТА КАКО ВРЕМЕПЛОВ: Патувачка изложба за Методија Андонов Ченто

32
Izlozba_Cento

Во организација на Народниот музеј од Велес и Заводот и музеј од Прилеп во Ликовниот салон во Велес беше отворена патувачката изложба посветена на Методија Андонов Ченто насловена „Биографија низ фотографија“, а која лани во јули беше отворена во Прилеп по повод 60 годишнината од неговата смрт.

Авторот на изложбата историчарот кустос Рубин Белчески неколку години го истражувал животот и делото на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов Ченто.

Изложбата која е претставена на 20 големи паноа содржи над 257 елементи: од кои 224 фотографии,15 документи,15 различни делови од говори на Ченто, мисли, четири текстови и 30 фотографии од споменици и спомен бисти, монети, уметнички дела, поштенски марки и восочната фигура со ликот на Методија Андонов Ченто.

Белчески вели дека тој истражувал и собирал архивски материјали низ повеќе институции, а фотографии и документи добил од семејството на Ченто, на кои им е посебно благодарен.

Воедно најави дека собраниот материјал наскоро ќе излезе и во печатено издание.

Фотографијата е вистински времеплов која на истражувачот му овозможува контакт со едно минато време. Доколку, пак, се однесува на личност, без разлика кога фотографијата е создадена и дали сме ја познавале личноста или не, таа ни станува препознатлива и драга, а со тоа и емотивно поблиска, воедно буди уште поголем интерес за „запознавање со личноста и нејзинте карактерни особини“.

– Така е и случајот со Ченто, појаснува Белчески.

Воедно потенцира дека читајќи ја литературата за Ченто, не можел да се изначуди за неговата храброст и пожртвуваност, на преголемата желба за слобода и самостојност на Македонија.

– Едноставно, никакви затвори, логори и интернации не можеле да го поколебаат или одвратат во неговата борба за слобода на Македонија. Според тоа што го прочитав, барем десетина пати бил затворан или интерниран. Се разбира, никој не можел да го „превоспита“ воедно ништо не можело да го спречи во истрајноста да се дојде до успех и слобода на Македонија и македонскиот народ, потенцира Белчески за Ченто.

Анита Василкова Мидоска в.д. директор на велешкиот Народен музеј и промотор на изложбата истакна дека во идејната креација на оваа изложба, авторот преку фотографии ги рефлектира животните патеки, судири внатрешни и надворешни борби кои во себе со себе и околу себе ги видел великанот на современата македонска историја Методија Андонов Ченто, нашиот борец, деец и прв претседател на Президиумот на АСНОМ.

– Човекот кој македонската кауза ја одбра за своја животна патека и кој во име на таа кауза не потклекнувајќи и борејќи се за своите идеи го вткаи духот на вечната борба на македонскиот народ и го коваше својот живот низ една „калдрместа патека“ со подеми и падови, потенцира Василкова Мидоска.

Во Велес изложбата ќе биде претставена во наредните две недели.

По Прилеп, Кавадарци, Неготино и Велес, авторот најави дека изложбата ќе ја претстави и во други градови во земјава.