Холандија е за преговори на ЕУ со Македонија, a стави вето за Албанија

420

Парламентот на Холандија даде зелено светло за отворање на преговорите за пристапување на Македонија кон ЕУ, јави албанската телевизија Топ Канал.

Пратениците,пак, гласаа против отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ за Албанија. Според повеќето холандски пратеници, резултатите на Албанија не се доволни за да се преземе таков чекор.

Почетокот на преговори за членство на Албанија и на Македонија во ЕУ поддржаа Социјалдемократите и Зелените кои имаат вкупно 33 пратеници. Тие оценуваат дека балканските држави ќе работат на владеење на правото, борба против криминалот и корупцијата ако имаат јасна перспектива за зачленување.

Пратеникот на демохристијаните Мартин ван Хелверт рече дека Холандија регистрира се поголемо влијание на Русија и на Кина на Западен Балкан, но нема причина да се прават компромиси за критериумите за членство.

Советот на ЕУ за општи работи в понедленик и во вторник ќе разгледува почеток на пристапни преговори на Албанија и на Македонија. В четврток и петок е состанок на шефови на држави и влади на членките на Унијата.

Пратениците побараа од владата да не гласа за предлогот на Европската комисија за Албанија, велејќи дека оваа земја не ги исполнила условите поставени од Брисел во врска со корупцијата и криминалот.

“Албанија не ги исполни петте приоритети утврдени во извештајот за напредок, бидејќи нема напредок во правните реформи, борбата против корупцијата или борбата против криминалот. Врз основа на овој напредок, не можеме да ги отвориме преговорите за пристап кон ЕУ. Холандската влада не треба да гласа за Европската комисија за отворање на пристапните преговори “, се вели во предлогот од холандскиот парламент, подготвен од Ван Хелверт, Омцигт, Ен Мулдер и Ван дер Граф, известува Топ канал..

Холандија и Франција беа двете земји кои одбиваа да дадат зелено светло.

Сега, останува уште Франција да омекне до претстојниот Самит на ЕУ, кој ќе се одржи на 25 јуни во Брисел.