Македонско царство на лути пиперки во Банско

189

Малкумина знаат дека селото Банско, во кое е лоцирана истоимената бања и познатиот хотел „Цар Самуил“, е најголем производител на рани лути пиперки. Вредните градинари од овој крај на Македонија исклучиво одгледуваат такви пиперки и традиционално на почетокот на февруари почнуваат со берба.

Во пластениците, што не се догледуваат со голо око, прво што ќе забележите е испарување од топлата вода. Таа извира од ридот над бањата и со своите 72 степени Целзиусови е главниот „виновник“ што градинарите од Банско секоја зима први на пазарите вадат лути пиперки.

Во пластениците на Даме Тренчовски, меѓу редовите од пиперките, се забележуваат распослани две црева-едното е за топлење на леите, низ кое тече топлата вода,а второто е помало и преку него се наводнува преку систем капка по капка.

– Ние со работа започнуваме на почетокот на ноември. Јас, заедно со моето семејство, имам над три декари под пластеници исклучиво засеани со лута пиперка од сортата „форхет“. Семките ги расадуваме во декември во топлите леи и во јануари расадот го пренесуваме во пластениците. На почетокот на февруари, во зависност од условите почнуваме со берба, иако екот е кон крајот на овој месец и почетокот на март, објаснува нашиот домаќин Даме, млад земјоделец на 34-годишна возраст.

Не носи на местото од каде се распоредува топлата вода во неговите пластеници. Преку систем од цевки се насочува кон сите пластеници, или „фолии“ како што во Струмица се нарекуваат.

– Порано немавме проблем со користењето на природната топла вода. Од пред неколку години има концесионер, па сме принудени да ја користиме водата од приватни извори. Кај мена доаѓа од комшијата, па јас му пуштам на следниот и така во круг. Имаме загуба во топлината, но и таа што останува додека до дојде до мене е доволна да ги држи загреани пластениците и да се создаваат идеални услови за одгледување на лутите пиперки, продолжува да ни раскажува Даме Тренчовски.

Од своите три декари нашиот домаќин очекува берба на околу 40 до 45 илјади парчиња лути пиперки неделно.

-Добро е што на почетокот цената е пет денари за една пиперка. Трговците покажуваат интерес и се надевам дека и оваа производствена сезона ќе поминеме добро. Најмногу интерес има од Македонија и Косово, а подоцна има и од други земји. За нас е најважно е да произведеме лута пиперка, по која сме препознатливи, а тие што ќе ја купат нека си мислат како ќе ја подготват и јадат-печена, пржена или свежа, додава Даме.

На нашето прашање колку се лути вели дека се доволно лути за тие што сакаат и можат да ги јадат.

-Гарантираме за нивната лутина. Можеби не се толку екстремно лути како пиперката чили, но добро ги палат непцата, вели Тренчовски.

Раноградинарите од Банско се разликуваат од останатите во Струмичко по тоа што исклучиво произведуваат само лути пиперки и по тоа што работат кога другите одмораат.

-Исплатливо е нашето производство бидејќи го продаваме на парче. Но, и работиме кога другите одмораат. Работиме среде зима и ги користиме природните предности што ги имаме со користењето на топлата вода. Тука кај нас не можете да видите извадена цевка преку пластениците од печките со кои тие се затоплуваат, како што е случај во другите производстени региони во Струмичко, додава Даме Тренчовски.

Бербата на лутите пиперки од пластениците во Банско трае до август. Тогаш се продаваат на килограм и нема толкава зароботувачка кака во зима. Ретки се тие кои на местото од пиперките продолжуваат со втора култура, бидејќи не им е исплатливо. По завршувањето на производството на лутата пиперка, повторно почнува циклусот на подготовки за новата реколта.

Велат дека зимското производство многу ги истоштува. Тоа бара постојано дежурство до пумпите кои ја пренесуваат топлата вода, бидејќи лесно може да се случи дефект, а без затоплување лутите пиперки можат да „изгорат“ за една ноќ.

Се разделуваме со Даме, кој за неколку денови треба да почне да ги реди лутите пиперки во вреки од пет и 10 килограми. Пред некој ден го направил „сефтето“. Набрал за еден пријател кој има продавница во Струмица. Не покани пак да му дојдеме, но и ни се пофали на крајот дека идната сезона ќе го зголеми производството за уште еден декар.

(Mia.mk)