Чекаме номинации за „Оскар“, ќе испишеме ли денес историја?

1477

Актерите Џон Чо и Ајса Рае денес по 14 часот по средноевропско време ќе ги објават номинациите за Оскар. За неколку часа ќе дознаеме дали нашата земја денес ќе испише историја со документарниот филм „Медена земја“ кој влезе во најтесниот избор на Американската академија за филмска уметност и наука во две категории: најдобар документарец и најдобар странски филм.

Македонското ремек-дело на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е совршена приказна со универзален одглас за последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа за која светот изминатиов период не престана да зборува. По победата лани на Санденс, филмот не престана да собира награди на различни континенти, а многу влијателни светски медфиуми го ставија во топ 50 најдобри филмови за 2019 година.

Продуцентот Атанас Герогиев со режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов

Продуцентот на „Медена земја“, Атанас Георгиев, неодамна призна дека би бил среќен и со една номинација. „Да освоиме оскар навистина би било чудо. Ако добиеме две номинации, менуваме историја“, изјави тој.

Единствениот македонски филм кој претходно добил номинација за Оскар е „Пред дождот“ на Милчо Манчевски во 1995 година. Уште еден наш филм, но како југословенски кандидат за најпрестижната филмска награда, беше документарецот „Дае“ на Столе Попов пред точно 40 години. Сега „Медена земја“ е на добар пат не само да го повтори овој успех, туку и да го надмине.