Чесите избираат нов претседател на државата

98

Граѓаните на Чешка денеска и утре избираат нов претседател на државата.

Анкетите покажуваат дека фаворитот на изборите и актуелен чешки претседател Милош Земан (73) има мали шанси уште во првиот круг да освои повеќе од 50 отсто гласови, и дека во вториот круг ќе се соочи со евентуално силен противник.

За најсериозен противник на Земан се смета Јиржи Драхош (68), поранешен шеф на Чешката академија на науките, кој се залага за поголема и подлабока интеграција на Чешка во ЕУ.

– Сакам да донесам сосема поинаков стил на претседателствување, да ги поврзам луѓето, а не да ги етикетирам, јасна интеграција на Чешка во Европа, со НАТО и ЕУ сојузниците, а не со Кина, рече тој во јануари.

Освен Драхош, Земан има уште еден сериозен противник, а тоа е Михал Хорачек, писател и поранешен бизнисмен. Не е исклучено изненадување да биде и поранешниот премиер од редовите на десниот центар Мирек Тополанек, кој меѓу последните ја објави својата кандидатура.

Земан е познат по острата кртика на миграцијата од муслиманските земји, поврзувајќи ги со безбедносните закани, а неговиот реизбор би го отсликал и евроскептичниот став на мнозинството Чеси и јавно неприфаќање на мигрантите и бегалците.

Тој за време на неговиот претседателски мандат, ги зајакна односите со источните земји, како Кина и Русија. Но, му забележуваат дека се одалечил од ЕУ.

Премиерот Андреј Бабиш ќе го поддржи актуелниот претседател на претседателските избори. Тој објасни дека ќе гласа за Земан поради неговата искреност, политичко искуство и заштита на националните интереси.

– Го гледам, не само како силна личност која го поларизира општеството, туку како некој кој не краде, кој има резултати, кој стои на својот збор… и за разлика од другите политичари, не живее од политиката, туку за политиката, изјави Бабиш.

Според него, Земан е „човек кој се бори за националните интереси и не се плаши да го искаже својот став во Брисел”.

Иако функцијата претседател е повеќе церемонијална, шефот на државата има важна улога за тоа кој ќе ја формира владата. Тој го доделува мандатот.