Шилегов лани ем градел ем заштедил 30 милиони евра

57

Реализацијата на Буџетот Шилегов ја оцени историска и најголема досега и најави дека и натаму парите ќе ги троши наменски во реализација на повеќе капитални проекти

 

Град Скопје ја заврши 2019 година со позитивно салдо од близу 2 милијарди денари (31,5 милиони евра). Ова, според градоначалникот Петре Шилегов, се должи на неговото домаќинско работење иако лани биле реализирани мноштво капитални проекти под надлежност на Градот.

– Градот Скопје во изминатиот период освен што посветено работеше на подобрување на сервисните услуги, исто така, напорно работевме на капитални проекти и нивна реализација инвестирајќи истовремено во повеќе области. Иако расходите се реализираа со забрзана динамика, и обврските се подмируваа редовно, ние како Град Скопје успеавме да ја задржиме и ликвидноста на едно завидно ниво – истакна Шилегов пред советниците на Град Скопје образложувајќи го Извештајот за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2019 година.

Реализацијата на Буџетот тој ја оцени историска и најголема досега. Шилегов информира дека лани во градската каса се влеале 5,7 милијарди денари (92,7 милиони евра), што претставува остварување од 87,2%. Што се однесува до расходите, тие се извршени во износ од 5,3 милијарди денари (86,2 милиони евра) што претставува процентуално извршување од 82%.

Јован Лазарев од ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека успеале да се соберат толку пари, бидејќи во нив се вкалкулирани и средствата од продажбата на Градската куќа.

– Градоначалникот можел да има поголема слобода во реализација на проектите. Парите треба да се употребат за она за што се зеле – истакна Лазарев прашувајќи дали ќе се гради нова градска зграда, бидејќи овие бараки каде сега е градската администрација се повеќе од амортизирани.

Шилегов реплицираше дека побарал од Секторот за финансии да ги одбие средствата од продажбата на зградата, па и покрај тоа 2019 година е убедливо најдобра буџетска година во историјата на работењето на Градот.

-Тоа што се работи за 30 милиони евра во касата на Градот, се работи за финансиска кондиција што досега не се памети – истакна Шилегов.

Тој информираше дека средствата се трошат наменски.

– За 20 дена почнува изградбата на мостот на булеварот „АСНОМ“, во мај ќе се гради уште еден мост во Карпош 4 кај „Сити мол“. Ќе градиме и висечки мост кај Лепенец, висок 350 метри кој преку Скупи и булевар „Словенија“ ќе го поврзе Волково со остатокот од Градот. Се прави третиот дел од Градски парк во Карпош, следува голема реформа во јавното претпријатие „Комунална хигиена“, покрај онаа што досега се направи – наброја Шилегов.

Тој додаде дека и кон крајот на годинава ќе можат да се видат ефектите од новиот транспортен систем, а во август годинава ќе отпочне постапка за јавна набавка за клучката кај Момин Поток.

Шилегов предложи измена на распределбата на средства во буџетот за 2020 година во програмата за култура во износ од 45 милиони денари. Овие средства ќе бидат искористени за изградба на библиотека во Бит Пазар, бидејќи во тој дел, воопшто нема библиотека, но и за отпочнување на активностите за изградба на Универзалната сала.

– Прва постапка е распишување на тендер за избор на понудувач кој ќе ја изведе библиотеката, а исто така и распишување на јавен повик за идејно решение за изгледот на Универзалната сала. Кон крајот на годината ќе се урне стариот објект на Универзалната сала и ќе почне изградбата на новиот – изјави Шилегов.

Јавното претпријатие „Дрисла“ од страна на Градот ќе добие 20 милиони денари заради потешкотии во работењето.