Ќе разговара ли повторно Заев цели две секунди со Трамп? Две години од почетокот на ширењето лажни вести

359

Ќе одржи ли повторно Заев цел разговор со претседателот Доналд Трамп во само две секунди? Во агендата на премиерот се предвидува негово присуство на приемот организиран од Трамп по повод одржувањето на 74. Генерално Собрание на ОН во Њујорк. Токму денеска навршуваат две години од фамозната „средба“ на премиерот со американскиот претседател, што ја овековечи шефот на дипломатијата, Никола Димитров, користејќи го моментот, кога Трамп буквално во поминување се ракуваше со Заев.

„Во Њујорк сум за Генералното собрание на ОН. На средбата со претседателот Доналд Трамп предмалку изразив поддршка за неговата иницијатива преку Декларација да се поддржат реформите предложени од генералниот секретар на ОН. Посакав успешен почеток на реформите на организацијата на ОН“, напиша тогаш Заев на својот ФБ профил.

Од Владата никогаш не објаснија како Заев успеал да му го порача сето тоа на Трамп во само две секунди. А, токму овој настан беше и стартот на ширењето фејк њуз, против кои, после речиси две години, од Владата ќе најават беспоштедна борба. Во меѓувреме, постојано се појавуваа некои нови.

Инаку, според агендата, премиерот за прв пат ќе се сретне со неговиот нов грчки колега, Кирјакос Мицотакис по тамошните избори, потоа ќе има и официјална средба со Генералниот Секретар на светската организација, Антонио Гутереш. Заев, своето обраќање ќе го има на претпладневната сесија во сабота.
Впечатливо, според агендата, е што премиерот, во клучни моменти за иднината на Македонија, која практично ќе се одлучува на 15-тти октомври во Брисел, има толку малку предвидени средби на настан каде присуствуваат речиси сите светски државници. Како за компарација, претседателот на Србија, Александар Вучиќ до 26 септември ќе се сретне со Гутереш, со Меркел, Трамп, Мицотакис, со претседателот на Светскиот економски форум, директорот на британскиот Форин офис, со ирскиот министер за надворешни работи, со Филип Рикер, па дури се предвидени средби со претседателите на држави како Гватемала и на тихоокеанската остров-државичка Палау.

Извор:http://www.alfa.mk