Oдложено судското рочиште за случајот „Траекторија“

114
Sud

За 1 март е одложено судското рочиште за случајот „Траекторија“ во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

По паузата од еден час дадена на денешното рочиште, Груевски побара збор и ги повтори барањата да бидат отфрлени како докази СМС пораките бидејќи начинот на кој СЈО ги има прибавено не може да ја гарантира нивната автентичност. Обвини дека пред да му бидат дадени на СЈО, пораките биле во рацете на СДСМ, која, како што рече, е политичка партија која е негов силен противник.

– Во интерес на постапката и судот сметам дека овие докази треба да се отстранат и да не се земаат предвид понатаму. Барам писмено да се изјасните по моето барање, рече Груевски.

Тој предложи судот да донесе формално решение со право на жалба како во случајот на Зоран Заев.

Обвинителката од СЈО, Лиле Стефановска рече дека се добива впечаток оти истите приговори на одбраната може да се повторуваат уште шест месеци.

– Никола Груевски побара збор и го прочита од својот мобилен телефон поднесокот од адвокатот Дингов од збор до збор. Ги повтори барањата што неговите бранители веќе ги изнесоа, а судот се произнесе и ги одби како неосновани. Како Јавно обвинителство нема да истакнувам одговори, ако приговорите се повторуваат, истакна Стефановска.

На денешното рочиште одбраната побара да и бидат доставени записниците од рочиштата. Побараа и прекин на главната расправа за доволно разумен период во кој ќе им се овозможи увид во аудиоснимките, на што судијата Бошевски рече дека претходно веќе тоа им е одобрено и доколку сакаат, можат со претходна најава во судот, да ги слушнат аудио доказите.

Судењето за „Траекторија“ почна од почеток на 31 јануари поради променет судечкиот совет.

Груевски, Јанакиески, Пешевски и Георгиевски се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.