„PARK & RIDE“ ВО СКОПЈЕ: Нема забрана за влез во градот, туку паркинг без пари?!

119
shilegov

Ако доаѓате кон Скопје, автомобилот да го оставите на влез, а кон центарот на градот да продолжите со автобус или велосипед. Ова е една од предлог мерките со кои градските власти предвидуваат да го намалат аерозагадувањето кое доаѓа од сообраќајот.

Со реализација на проектот „Паркирај и вози“ во главниот град, би се овозможило растеретување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и нема да им се забрани на возилата од другите македонски градови да влезат, смируваат од град Скопје, туку ќе им се овозможи бесплатен паркинг на влезовите во главниот град.

Оставајќи го своето возило на сигурна локација, граѓаните ќе можат да патуваат до посакуваната дестинација во Скопје со јавниот превоз (автобус, велосипед или воз). Овој систем на „Паркирај и вози“ (park & ride) го има во сите поголеми метрополи и станува збор за успешен модел кој што дава одлични резултати, а предностите се многубројни, велат од Град Скопје.

Градоначалникот Петре Шилегов денеска повтори дека на овој проект треба да се гледа како на нова можност за граѓаните, но не и на нивно ограничување за употребата на моторни возила во Скопје.

Според него, проценките говорат дека секој ден во Скопје влегуваат десетици илјади возила од другите македонски градови, со што значително се зголемува сообраќајниот метеж, па новиот проект би ја намалил фреквенцијата на возила во централните скопски општини, со што би се намалило и загадувањето на воздухот како последица на транспортот.

Градските власти во моментов разгледуваат неколку локации во општините Гази Баба и Ѓорче Петров за реализација на проектот „Паркирај и вози“.